Колумни

Од власт до хистерија: Политичкиот пад на СДСМ

Од власт до хистерија: Политичкиот пад на СДСМ

Она што денес го гледаме кај СДСМ не е опозиција. Тоа не е ни политичка борба. Тоа е хистерија на партија што ја изгубила власта, а со неа и способноста рационално да размислува и дејствува. Наместо аргументи и јасни позиции, гледаме панични реакции, драматични настапи и обид преку институционален притисок да се прикрие сопствената празнина и немоќ.

Со поднесувањето иницијатива до Уставниот суд против „Резолуцијата за политики против нелегалната миграција“, СДСМ не испрати порака за демократија, туку сигнал за целосна дезориентација и политичка импровизација. Секој збор што го користат како на пример: „диктатура“, „цензура“, „уривање на уставниот поредок“ е толку претеран, што самиот се урива под тежината на сопствената невистина. Кога сè е диктатура, тогаш ништо не е диктатура. Кога сè се прогласува за диктатура, тогаш самиот поим ја губи смислата.
Зошто?

Затоа што истата таа партија, не толку одамна, институционално и официјално носеше стратегии за сместитување и грижа за мигрантите кои не беа пожелни за Западот. Не резолуции. Не декларации. Туку стратешки документи со реални последици. Документи што имаа оперативна тежина, правец и обврзувачки карактер. Стратегии што бараа од општините да планираат локации, капацитети и инфраструктура за мигранти. Тоа не беа теоретски вежби, туку политики со директно влијание врз локалните заедници.

Тогаш СДСМ не гледаше проблем со слободата на говорот. Не гледаше проблем со јавната стабилност. Не гледаше ни „загрозена демократија“.
Тогаш СДСМ гледаше само едно, власт. Денес, кога таа власт ја нема, истата тема ја користи како политички реквизит. Не за да понуди решение, туку за да произведе врева. Не за да отвори сериозна дебата, туку за да создаде впечаток на драматичност. СДСМ не објаснува што точно е неуставно. Не покажува конкретна штета. Не нуди алтернативен модел. Не кажува што тие би направиле поинаку. Единствената стратегија е: колку погласно толку подобро.

Новогодишен Giveaway – Зимзоленд

Тоа не е принципиелност. Тоа е политичка паника.

Партија што вчера бараше планирање кампови, а денес глуми дека самото спомнување на мигрантите е напад врз демократијата, не се бори за права и правда. Таа не води вредносна битка, туку очајнички обид да избега од сопственото минато. И во таа борба губи. Губи кредибилитет, губи тежина и губи доверба.

Одговорноста за ова не може и не смее да се разводнува. Во оваа ситуација таа лежи директно кај првиот човек на СДСМ. Кај неговите сопартијци кои последниве десеттина и повеќе години ја водеа партијата без јасна идеолошка линија, без политичка дисциплина и без храброст да ги признаат сопствените грешки и стратешки и други недозволиви отстапки на наша штета. Одговорноста е кај функционерите кои додека беа на власт партијата ја претворија во рекетарска организација. Не може една сериозна политичка партија да има раководство што реагира, но не размислува; што зборува, но не објаснува; што обвинува, но не одговара. Наместо да понуди насока, тоа раководство ја турка партијата во уште подлабока конфузија, правејќи ја неспособна да биде сериозна опозиција, а уште помалку алтернатива за власт.

Затоа СДСМ моментално не изгледа како сериозна опозиција, туку како група што импровизира, реагира инстинктивно и се сопнува од сопствените траги. Лесно е да се повикуваш на Устав кога си во опозиција. Многу потешко е да објасниш зошто истиот тој Устав не ти пречеше кога беше на власт, кога носеше стратегии без консензус и без суштинска јавна расправа.

Граѓаните не се наивни. Ова не е борба за слобода на говор.

Ова е борба за грабање на медиумски простор. И колку повеќе СДСМ вика „диктатура“, толку повеќе ја потврдува вистината дека најголемиот проблем на партијата не е резолуцијата, туку тоа што нема што суштински да каже, ниту визија што може да ја брани без јавно вревење.
Политика без доследност не е политика. Политика без паметење е фарса.

А СДСМ денес не нуди ништо повеќе од тоа, фарса, спакувана во големи зборови, празни обвинувања со обид за почеток да предизвика институционална хистерија. Партија што ја заменува аргументацијата со громогласно врескање, а визијата со паника, не може да биде коректор на власта, уште помалку алтернатива. И во таква состојба, колку и да се повикуваат на судови, нема Уставен суд што може да им помогне против сопствената политичка конфузија. Жално е што денес СДСМ остана без политика, затоа што хистеријата ја прогласи за стратегија.

20.12.2025
Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

To top