Немам ништо против ниту една политичка партија, ниту против кој и да е нејзин член и, оние кои ме знаат, знаат дека не се занимавам со личности, ниту со партии, туку само со нивните идеологии. Со нивните заложби, од оние јавно промовираните до оние, кои како скриена агенда ги туркаат под маската на она “што сака да го чуе народот“. Така, на социјалните мрежи, сосема случајно наидов на статус на еден носител на листа за советници во една општина во Македонија, во кој, својата партија ја промовира во Поим за “ново македонско нормално“. Ново македонско нормално на левица-та.
Зошто го пишувам ова?
Многумина веќе се запознаени со “новото нормално“ во светот. Тоа се турка преку “Манифестот за нова нормалност“, преку комунистички ставови за наводна рамноправност, каде што, на пример, во точка 3. се вели “Нова нормалност што ја заменува парадигмата на она што е “мое“ со парадигмата на она што е “наше“, што пак, во целост се поклопува со тезата на Клаус Шваб и на Светскиот економски форум во Давос дека се’ ќе биде заедничко и дека во скора иднина нема да постои приватна сопственост. Ова јасно зборува дека западниот марксизам, или радикалната левица работи по насоки на групата најбогати луѓе во светот собрани во Давос. Работи за воспоставување на заедничка сопственост, по примерот на одземените имоти на сиромашните селани и нивно внесување во “заеднички“ имот на задругите во време на комунизмот. Само што денес, “заедничкиот“ имот ќе биде во сопственост на Клаус Шваб и оние околу него.
Во точката 1. Стои “Нова нормалност што гарантира одржување на животот и внимание на материјалните потреби на населението“. Со ова, се прави обид луѓето да се насочат кон материјалните богатства, кон хедонизмот и ненаситност од задоволување на материјалните потреби, како начин за уништување на духовноста и на суштината на човековото постоење, со славење на голата, материјална форма.
Или, на пример, во точката 8. Каде меѓу другото се вели “…нова нормалност каде што субјектите одлучуваат за нивните тела и желби, грижата не паѓа врз жените, а родителството се подразбира според неговиот политички и трансформативен потенцијал“. Родителството, најблагородната обврска на еден маж и една жена, од тукуштородено бебе да создадат човек со кој ќе се гордеат, сакаат да го сведат на комунистичкиот политички потенцијал.
Суштината на вака интерпретираната “нова светска нормалност“ е како да биде уништено детето со можноста уште на 6 години да носи одлука за промена на полот; како да биде уништено семејството и родителството; како да биде уништена верата како духовна потреба и да се насочи човештвото само кон материјалните потреби.
Тоа е скриената агенда на радикалната левица, која се турка преку лажните наративи за социјална правда, за лажна еднаквост, за робинхудовското земање од богатите и давање на сиромашните.
Ова ме потсети на една стара шега која гласеше вака – некој, еве ваков “душегрижник“, “многу загрижен“ за сиромашните, му вели на еден бездомник, ех да имав десет милиони евра, еден милион ќе ти дадев тебе, ех да имав десет куќи, една ќе ти дадев тебе; ех да имав десет автомобили, еден ќе ти дадев тебе и, така продолжил да реди, се’ додека бездомникот, распалтавен, не го прашал, добро, а доколку имаш десет кошули, ќе ми дадеш ли една? Овој, лажниот душегрижник, срипал како попарен, велејќи дека сигурно нема да му даде. А зошто? Затоа што имал десет кошули. Тоа е вистината со радикалната левица – како вистински “душегрижници“, ќе ви ветуваат се’ што ви треба а што го немаат да ви го дадат, но штом ќе чепнете во нивното, во она што го имаат…
НАПРАВЕТЕ РАЗЛИКА !!!
И бидејќи кошулата нема да ви ја дадат затоа што имаат десет, ама ќе ви ветуваат се’ што ви треба а што не можат да ви го дадат, размислете добро пред да поверувате. Посебно треба да размислат оние кои сакаат да си ги воспитуваат децата според традиционалната нормалност; оние кои сакаат да бидат вистински родители, а не “политички и трансформативен потенцијал“; оние кои ја почитуваат верата како благороден смирен одговор на агресивното лудило со кое се нападнати; оние кои сакаат да го продолжат животот онака како што го живееле нивните родители, како чесни домаќини, нивните баби и дедовци, како достоинствени семејства… Оние кои честа и достоинството на семејството сакаат да им го остават во аманет и на своите синови и ќерки.
И, како што и Господовата молитва на крајот завршува со зборовите “не воведувај не’ во искушение, но избави не’ од лукавиот“, треба многу внимателно да се следат не само зборовите туку и постапките на оние од радикалната левица, зашто многу лесно, во моменти на лична разочараност и незадоволство, се паѓа токму во замката на “лукавиот“, во едно искушение од кое потоа се излегува со двојно поголема разочараност и незадоволство.
Го пишувам ова за да утре задутре не се срамиме самите од себе од она што сме го сториле. Умот во глава и прстот на чело, рекле старите.