Она што многумина не се сеуште свесни е дека начинот на кој до сега се функционираше е завршен. Отпор ќе постои и тоа силен, а најмногу ќе бидат погодени оние кои во минатотот функционирале од позадина или клиентелистите бизнисмени кои беа навикнати да се договараат во четири очи со функционерите.
Едноставно, начинот на кој функционираше ова оштество е доведен до состојба да или ќе се пресече со се’, и ќе има целосен ресет, или ова општество и оваа држава ќе се распадне од внатре. Клиентелизмот, правењето услуги, заобиколувањето на законите и постапките, непотизмот, непрофесионалноста, немањето Мерит систем за напредок не доведе до ова ниво каде просечни, неспособни и морално компромитирани лица рабоводат со државата и институциите. Таквите во еден дел од животот стекнале дипломи, звања и име, за да во една подоцнежна фаза поради желба за власт и моќ, целосно се деформирале, изобличиле во целост, и станаа токму оној тумор на општеството, кој обичниот народ и стручните лица во одредена област го чувствуваат на сопствената кожа секојдневно.
Потезите кои ги влече изминатите денови ВМРО ДПМНЕ покажува дека добро ги проучиле состојбите, го знаат менталитетот и матрицата на многумина, и свесно наоѓаат начин да се заштитат како структура од внатрешната контаминација.
Имено, пред два дена беше роденденот на ВМРО ДПМНЕ. Традиционално, таа прослава секогаш е на платото пред некоја културна институција во главниот град. Дали тоа е пред МНТ, МОБ, Музеј на македонската борба, МСУ и некое друго место, тоа секогаш било локација каде посебно кога партијата е на власт доаѓале илјадници лица и ги обиколувале идните или актуелни носители на јавни функции обидувајќи се да лобираат, влијаат, да се наметнат или ја покажат својата наклоност. Годинава прославата беше на пладне, во Велес, во велешкиот театар. Многумина се најдоа затечени, претпоставувам и разочарани од немањето можност да се покажат пред јавноста со фејсбук и инстаграм постови колку се и тие блиски до власта во доаѓање.
Интересно беше и изминатите четириесет дена. По самата победа, ВМРО ДПМНЕ тивко и без јавен и медиумски сензационализам реши да ги детерминира за почеток ресорите кои ќе ги води, а потоа и поделбата на севкупната централна власт, пропратно и со изборот на кадровски решенија. Сите оние кои живееја во надеж дека со византиски игри, подметнувања, сопки и роварење ќе опстанат или ќе дојдат до функција, тешко си излажаа. Деновите минуваа, а кај многумина паниката се зголемуваше. Токму тоа што информации не протекуваа и што цел тој процес не се дозволи да биде контаминиран покажува дека ВМРО ДПМНЕ ги научило како партија грешките од минатото, и не дозволи да лоби и интерес групи со сатанизирање, роварење, дискриминација, уцени и слични дејанија се наметнат како фактор.
Одлично е што новата влада започнува со работа на почеток на летото. Високи температури на отворено, голем дел од населението на годишен одмор, средина на годината, вистински период да се направи пресек, ребаланс, да се најдат грешките и пропустите, и да се направи санационен план и ревизија, но и доволно време за да се предвиди реално буџетот за следната 2025 година, со време. Цели два месеци простор за да во септември веќе се видат одредени резултати и поместувања, но и за да спремно се дочека половината на октомври каде Владата ќе треба да даде своевиден отчет за 100 дена работа.
Незадоволни сигурен сум дека ќе има. Незадоволни ќе бидат сите оние кои по ревизиите и истрагите ќе бидат кривично гонети. Незадоволни ќе бидат и оние кои негуваа неразумни илузии дека може преку ноќ да се реши сето она што досегашните уништија и продадоа низ годините. Незадоволни ќе бидат и оние кои мислеа дека сега е нивното време да наплатат и да станат локални шерифи. Незадоволни се и оние кои мислеа дека Влада треба да се прави по регионален клуч, па секој град да си има министер, или дека нешто некому припаѓа. Незадоволни се и оние кои со месеци правеа планови кога каде ќе го вработат ли унапредат, и со тоа пробуваа себеси да се факторизираат.
Знаете кој ќе биде задоволен? Обичниот народ! Оние кои гласаа за ред, за закон, за компетентност, за правичност. Не за Курто и Мурто. Не да дојдат едните, за да си одат другите. Нема веќе мои, твои, ваши, наши. Умре тоа време. За жал, многумина не веруваат се уште дека така ќе биде. Мислат дека ќе се тера, ама по скришно „како до сега!“. Ако! Мислам дека ќе бидат негативно изненадени, а обично кога ќе дојде време за одговарање ќе има плачење. Не случајно дента по изборите омиелна песна ми беше макфестовската „Време за плачење“ од Игор Џамбазов. Некои ме сфатија, некои не! Да сме живи и здрави.
Влада ќе добиеме за четири дена од денес. Веќе од понеделник се почнува со работа. Во наредните неколку недели ќе се екипираат министерствата, по што е следува и екипирање на институциите и се надолу по вертикала. Наме време за изговори, за импровизација, ниту пак со занимавање со досегашните. Со нив ќе се занимава ревизијата, полицијата и обвинителството. Време е за воспоставување ред, принципи и концепти за успешно работење. Тоа го бара народот, тоа го бара нацијата, тоа го бара обичниот човек. Оној на кој некоја исфрустрирана будала на шалтер му се дере, оној кој гледа кој се’ прима мито, оној кој гледа кој се’ прави злоупотреби. Таквите ќе добијат црвен картон, а обичниот човек ќе го почувствува тоа.
Да се надеваме дека тогаш нема да биде толкава желбата да се напушти државата. Народот не се сели ради пари, туку ради душевен мир и услови за живот.
Мора да се оправиме, мора да не биде. Пукнат е филмот, веќе нема назад!