Колумни

НЕРЕЛЕВЕНТНИОТ ПЕНДАРОВСКИ

Стево Пендаровски беше претседател на Република Македонија од 2019 до 2024 година, доаѓајќи на функцијата како кандидат поддржан од СДСМ. За најголем број на граѓаните на Република Македонија е јасно дека тој нема да остане запаметен како значајна политичка фигура. Во споредба со други политичари како на пример Зоран Заев, кој се поврзува со Преспанскиот договор, со промената на името како и со други отстапки кои ја загрозија националната и државната самобитност, Пендаровски ќе остане запаметен само како фигура во сенка, ревносен поддржувач без влијание на домашен и меѓународен план.

НЕРЕЛЕВЕНТНИОТ ПЕНДАРОВСКИ

Пендаровски, како претседател, имаше право и можност да ја критикува работата на владата и да биде нејзин коректор. Но, за жал, тој го правеше тоа многу ретко. Неговите повремени критики беа обид да се дистанцира од непопуларните и лукративни политики на СДСМ и ДУИ, со цел да изгради наводен независен имиџ во последните години од својот мандат. Се претставуваше како независен, но постојано беше поддржан од СДСМ, како пратеник, кандидат за претседател, и, во основа, како нивен верен поддржувач и извршител. Ова е контрадикторно и невообичаено во политиката.

Пендаровски пред последните претседателски избори беше свесен дека и тој и владата на СДСМ-ДУИ се соочуваат со пад и се обиде со некои потези да се дистанцира од нив, за да не биде асоциран со нивниот неуспех. Овој потег беше класичен политички маневар: кога бродот тоне, први се спасуваат оние што најлесно се прилагодуваат. Кога му стана јасно дека нема никаква шанса да добие втор мандат, реши да создаде впечаток на „независен мислител“. На крајот од мандатот изненадно реши да стане „храбар политички критичар“. Но, тоа не беше вистинска храброст, туку обид да се спаси дел од образот пред јавноста.

Не е исклучено дека Пендаровски можеби имал лични конфликти со врвот на СДСМ, па неговите критики биле делумно и негова одмазда пред изборите. Тој критикуваше не затоа што беше храбар, туку затоа што сакаше да се дистанцира од постапките на владата. Но, неговите зборови изгубија тежина бидејќи беше перцепиран како некој кој своја кариера ја изгради како поддржувач на врвните владејачките структури во СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, без да придонесе за значајни политички промени и кај едните и кај другите. Неговиот најголем придонес беше неговото лично прилагодување кон затекнатата состојба и надредените.

Вистински храбар и доследен политичар би бил оној што би зборува додека има шанси и можност да промени нешто, а не кога веќе е „политички мртов“. Пендаровски се обиде да критикува СДСМ и ДУИ кога веќе беше доцна, со надеж дека ќе остане релевантен на политичката сцена. Но, тоа немаше ефект, бидејќи беше веќе прочитан од граѓаните како политичар кој нема вистинска храброст и принципиелен став.

Сега, кога Пендаровски од позиција на „засекогаш бивш“ се обиде да ја критикува новата надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, особено за поддршката на Трамп и блискоста со Орбан, тоа само го потврди неговиот политички опортунизам. По загубата на функцијата, веројатно се обидува да најде нова улога во јавниот дискурс. Напаѓањето на новата влада е само обид да остане видлив, но тоа не е засновано на вистинска загриженост, туку на реторичко лукративна поза.

Како политичар без реална моќ и без поддршка, неговите критики најверојатно се резултат повеќе на фрустрација отколку на принципиелност. ВМРО-ДПМНЕ сега има силна поддршка, а Пендаровски нема влијание во јавноста да биде сфатен сериозно. Неговата реторика веројатно ќе биде прифатена само од оние кои веќе имаат критички и тврдокорен став кон новата влада, но нема да ја променат јавната перцепција.

Пендаровски е „завршена работа“ во политиката, и ова е веројатно негов обид да остане уште некое време видлив. Неговите критики не доаѓаат од позиција на принципиелност, туку од личен и политички интерес, што го прави нерелевантен за пошироката јавност.

П.С. За неговата доследност и принципиелност доволно зборуваат неговите зборови: „Слободарски граѓани душата ќе му ја извадат на тој што евентуално би ја поддржал промената на името. Нема да го остават во таа фотелја во која е…!“

To top