Оваа цел е мошне умешно реализирана и говорот на премиерот Христијан Мицкоски логично и нормално е да биде оценет позитивно од највисоките американски власти. Тоа претставува уште една потврда на недвосмислениот став дека Македонија и македонската заедница во САД се верни сојузници, кои даваат максимална поддршка на политиката на претседателот Доналд Трамп. Особено е значајно што премиерот Мицкоски нагласи дека, и покрај предизвиците со кои се соочува државата,
Македонија останува еден од најголемите контрибутори во НАТО по глава на жител во алијансата.
Во делот на економијата и инвестициите како одговор на експанзијата на кинеската економија во регионот и дополнителна потврда на стратешкото партнерство одлично е тоа што премиерот ја искажал нашата отвореност и очекување на американски инвестиции во енергетскиот сектор на Македонија. Притоа посочи дека е во тек изградба на гасоводен интерконектор со Грција, кој ќе овозможи транспорт на американски гас кон пазарот на Југоисточна Европа.
Она што особено сметам дека е доста важно е фактот што Мицковски повторно јавно и недвосмислено го поддржа говорот на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција и притоа уште еднаш преку примерот на Република Македонија ги потсети присутните на тоа што претставува мешање во внатрешните работи и примена на двојните стандарди на ЕУ. За жал овие двојни стандарди охрабриле некои ЕУ држави членки безочно да не уценуваат и да ни наметнуваат илузорни барања, да присвојуваат наша историја во обидот да ја ретушираат сопствената притоа воопшто не водејќи сметка на декларираните европски принципи, стандарди и вредности кои треба да ги применуваат земјите членки на ЕУ. А останатите членки на ЕУ наместо да бидат принципиелни и доследни тие беспоговорно ги следеа ги следеа непринципилените политики и газењето на вредностите со што се нарушува кредибилитетот на пристапниот процес. Сметам дека на сите конечно им стана јасно дека вистинските европски вредности не подразбираат билатерализација на пристапниот процес.
И покрај сите отстапки што досега ги направи Република Македонија, тие сè уште не се доволни за да се отпочне и конечно заврши процесот на евроинтеграција, за разлика од други држави кои преку ноќ станаа полноправни членки на ЕУ.
Потенцирајќи ја важноста на Македонија за регионалната безбедност и нашата посветеност на евроатлантските интеграции, премиерот Мицкоски успеа да ја нагласи потребата од итно дејствување. Тој ги повика нашите поддржувачи и сојузници да сфатат дека секое понатамошно одложување на нашето полноправно членство во ЕУ може лесно и брзо да стане пречка за идната стабилност на Балканот.
На крајот, би сакал да заклучам дека со успешното реализирање на дипломатската мисија во САД и претходно низ Европа, премиерот Мицкоски се покажа на висината на задачата како ниту еден политичар досега во поновата историја на Македонија. Одважно и достоинствено.