Прво, основно и најважно е наравоучението од минатото. Важно е да не ги повторуваме одлуките кои ни нанеле штета. А штета е синоним за владеењето на ДУИ И СДСМ. Од самиот почеток, па се до крајот. Штетни одлуки, штетни договори и цела штета падна врз грбот на граѓаните.
Второ, што е она што и е потребно на Македонија?
Потребно и е мудро водство, лидери со силно чувство за расудување кои поседуваат способност сеопфатно да ги анализираат ситуациите, земајќи предвид повеќе перспективи и потенцијални исходи. Во време на предизвици и криза, потребни ни се лидери кои остануваат смирени под притисок и кои би се потпреле на сопственото искуство и знаење за да се справат со предизвиците. Потребно е и првите лица на државата во себе да имаат и доза самокритичност, за кога предизвиците ќе го надминат нивниот капацитет за справување со истите ќе си дозволат да побараат помош и примат сугестии.
Само за потсетување, за време на целиот мандат на ДУИ-СДСМ и покрај лошото менаџирање со кризите, ниту еднаш не побараа помош, ниту пак примија конструктивна критика и добронамерен совет од опозицијата. Од оваа перспектива се чини дека целта на нивното владеење беше само да се унакази животот во земјата.
Потребна e сеопфатна програма на проекти и реализација на истите. Тимот на ВМРО-ДПМНЕ програмата за избори ја подготвува изминатиов период заедно со граѓаните. Целиот овој период посветено се набљудуваа клучните потреби на државата и жителите. Дел од проектите веќе се презентираат на трибините низ Македонија, а во скоро време ќе биде објавена целосно програмата за парламентарни избори и електоратот ќе може да увиди дека во неа се содржани суштински важни проекти. Нема грандиозни ветувања кои се убави за читање и презентирање, а за чие спроведување можностите се научна фантастика. Тоа се тие популистички наративи кои имаат за цел да го сервираат тоа што јавноста и е убаво да го конзумира. Но реалноста е сосема поинаква. Потребите се далеку од грандиозните предизборни ветувања на одредени политички партии кои не ги согледуваат можностите за нивно спроведување. Но, мали или големи ветувања, сепак за нивно остварување потребна е стабилна и ефективна влада која ќе обезбеди владеење на правото, која ќе ги штити индивидуалните права и ќе промовира политичка стабилност. Влада која може да ги надмине сите предизвици и влада која ќе донесе надеж за македонските граѓани.
Периодов што следи потребно е несебично вложување и работа од страна на сите одговорни, на сите нивоа, започнувајќи од највисоките функциониери па до ниво на помошно-техничкиот персонал во јавните институции. Потребна е работа ослободена од корупција, кронизам, непотизам и секаков вид на делување во сопствена полза.Затоа укажуваме но и прашуваме дали постои алтернатива?
Но за крај најважниот сегмент од одговорот на горепоставеното прашање, што и е потребно на Македонија, лежи токму во сите нас. Нашите избори и нашето мобилизирање е клучот во битката против автократијата.
Го имаме и денот кога можеме да ја тестираме и ние самите тезата за моќта на народот. Преку масовна излезеност, преку гласачките кутии на 24 април и 8 мај гласајќи за ВМРО-ДПМНЕ можеме да дадеме шанса на нов сет политичари кои ќе ја вратат демократијата и инклузивната политика во Македонија.
Ајде колективно како нација да докажеме дека не сме мазохистички настроени и нашиот интелект не е за потценување.
Да кажеме дека сме свесни, гледаме и ја памтиме цела неправда која ни е нанесена.
Да одбереме мудри лидери, кои за промена овој пат навистина ќе го испорачаат тоа што го ветиле.