Колумни политички рејтинг

Многу зборови, малку дела

Наместо да се занимава со суштински проблеми како корупција, судство и реформска агенда, Филипче го претвора европскиот процес во шоу за својот политички рејтинг. Бидејќи во оваа наша држава рејтингот е поважен од било каква закониска или морална обврска.

Многу зборови, малку дела

Зборува многу. Дела – никаде. Филипче повторно ни покажа дека зборовите можат да бидат погласни од реалноста. На една страна извештаите на Европската комисија. На другата неговите драматични изјави полни со спинови, паника и обиди за политички спектакл. Поголем европеец од европјаните.

Наместо да се занимава со суштински проблеми како корупција, судство и реформска агенда, Филипче го претвора европскиот процес во шоу за својот политички рејтинг. Бидејќи во оваа наша држава рејтингот е поважен од било каква закониска или морална обврска.

Од друга страна, многумина јавно се прашуваат: како би можел да се занимава со теми кои до вчера беа табу? За тие теми не смееше да се зборува бидејќи со своите најблиски пајташи ги контролираа и насочуваа во поскуваниот правец. Тој кој до неодамна пливаше во медот на власта, денес открива дека власта „лебди во летаргија“. Очигледно, медот има магична моќ: прво им ги заматува очите и им ја облажува душата, а потоа, кога се во опозиција, ги прави експерти за критика и жедни за повторна власт. И тоа не е магија и е последица од неказнивост и немање одговорност.

По се изгледа, поради пердето пред очите, тогаш не ја видел вистинската слика: ужасно лошите извештаи, гласните укажувања за мито и корупција во врвот на власта, селективната правда, рекет од највисоките функционери и нивните блиски, и безброј монтирани судски и обвинителски случаи наспроти „заштитените“ како мечки функционери на СДСМ и ДУИ.

Аферите беа редовна тема, а личните „кокетирања“ и дружбите со поранешните политички фигури од ВМРО-ДПМНЕ само го зголемуваат „шармот“ на неговиот лик и новата визија за чесност и европски прогрес. Едноставно, ако чесноста беше филм, Филипче би бил режисер, сценарист и главен актер.

Не ми е јасно како досега никој не му кажал дека Европската комисија не се брани ниту пак некој и се додворува со политички спектакли на собраниска говорница, без аргументи и со гол вербален напад на власта. Тие гледаат и бараат резултати и реална реформска агенда. Зборовите на Филипче можат да создадат мала паника дома, но не ги отвораат вратите во Брисел.

Најироничното е што Филипче се претставува како чувар на „европската чесност“ и вредности која, ако се суди според неговото министерување, тој сам никогаш не ја видел, ниту слушнал, а најверојатно и не ги практикувал. Очигледно смета дека сите околу него треба да се водат според неговите и само нему познати принципи на чесност, вредност и прогрес. И, не случајно, во вакви ситуации некако по навика се потсетуваме на старата народна мудрост: „Со путер на глава, вистинската чесност е тешко да се одглуми.“

Додека тој го критикува ВМРО-ДПМНЕ и другите од власта, тие преземаат вистински чекори и реализираат конкретни реформи, зачувувајќи го сопственото достоинство, јазик, култура и идентитет, нешта што Европа навистина ќе мора да ги забележи и кои ќе опстојат на сите изнасилени притисоци за наше обезличување од страна на соседите.

Пишува: Проф д-р Јове Кекеновски
19.11.2025

To top