Преку триесет години слушаме дека Македонија треба да има спонзор, пријатели, поддржувачи и некој кој ќе не турка.
Постојано се зборува за традиционални прријателство, и сфери на интереси, кои ги гледаме кај нашите соседи, и пддршката која ја добиваат од одредени поголеми и посилни земји, кои низ годините ни наметнуваа полу решенија, кои во пракса секогаш беа на наша штета, и секојпат ни ги влошуваа позициите, и не правеа по ранливи, и од надвор, и од внатре.
Повеќе е од очигледно дека Македонија како мала земја е повеќе од потребно да има пријатели. Низ годините сфативме и самите дека неретко, покрај геостратешката битка на земјите, тука е и идеолошката борба, во која токму нам ни се наметнуваа еден куп неолиберални и левичарски позиции, кои дополнително го поткопуваа општеството, и место релаксација на внатрените односи, уште толку го поларизираа и поделија населението.
Фасцинантно е што токму земјата членка која го изблокира нашиот процес на ЕУ интеграција, била изненадена што не сме покажале обединетост на самата Европа по прашање на Украина. Македонија не гласаше против, туку воздржано, но од друга страна во целост ја поддржа резолуцијата на САД, заедно со Унгарија, Израел и Грузија, како ко-спонзор.
Исто како и во животот, застанувате на страната на оние кои ве поддржуваат, почитуваат и ви се пријатели кога тоа ви е потребно. Идеолошки можеме да водиме расправи од тука до Месечината, но факт е дека Унгарија е членка на ЕУ, стабилна држава која расте и се развива, а е исклучителен пријател на Македонија. Во САД стратешки можеме да кажеме дека сме пријатели, и дека во многу аспекти низ годините биле на наша страна, но овој пат сме и идеолошки компатибилни. Самата Америка реши да се справи со своите техники на рушење на Влади преку невладиниот сектор, но и да ги преиспита истражи и санкционира сите недоследности кои низ годините се правеле низ превезот на „помош“.
Европа (Европската унија, ако може да зборуваме за неа како единка) низ годините нас како Македонци не излажаа, превеслаа жедни преку вода, а сите не пристигнаа во интегративниот процес, а ние се занимававме со себе самите. Не дека вината во голема мерка не беше и наша, но темите кои ни се наметнуваа, и барањата кои ултимативно беа приоритет, апсолутно немаа врска со Копенхагенските критериуми.
Од друга страна, самите барања кои нам редовно ни се сервираа, голем дел од земјите членки не ги почитуваат, а најмалку нашите соседи. И самото наше „туркање“ во НАТО, беше нешто што САД го истурка да помине, иако истоо се направи со катастрофални последници кон нас, со едни болни отстапки, кои никој не веруваше дека ќе се најде „Квинслинг“ што ќе ги истурка. Преку ноќ исчезна двојната формула, предлогот на Република Македонија – Скопје, па стигнавме до таму што дури иако официјално сме МК и МКД, да на автомобилите имаме NMK.
Не знам колку нашата квази општествена елита која е потресена за европеизмот и инеграцијата есвесна што обичниот народ на улица размислува? Јас сум дури шокиран колку многу луѓе би поддржале соработка и со Турција, и со Русија, и со Кина, и со било кој друг на планетата, само за инает, но и од очај од сето тоа што ни го правеле како неправда низ годините. Да, сите ние имаме семејства и роднини, и предендираме да работиме, живееме, заработуваме во западниот свет, но сепак мораме да задржиме некакво достоинство, а поддршка како нација ќе дадеме на оној кој кон нас ќе има разбирање, почит и ќе ги брани наите интереси.
Да нема нејаснотии. Македонецот обединет може да биде само во ЕУ. Во НАТО сме со нашите браќа од соседството, но тоа е воен сојуз, иако има и други пропратни бенефиции. Во Европа без граници, Македонците ќе ги имаат сите свои права во цела ЕУ,а најмногу на териториите на етничка Македонија. Ама за таа цел ќе мора да останеме Македонци, а ЕУ ќе мора да даде гаранции. Дури тогаш ќе се релаксираат состојбите.
За мене многу поголем проблем е што не се изборивме како држава да воспоставиме се општи политички црвени линии, под кои нема одење. Што немаме консензус, за тоа што ни е битно. Ред, закон, поредок, борба со криминал. За тоа никој не зборува. Анархијата мора да запре. Секаде! Во урбанизам, загадување, сообраќај, сива економија, корупција, злоупотреба на јавни функции.
Од толку додворувајќи се странски држави, и паѓајќи во севдах за некои соседи, многмина заборавија да си ја сакаат „Мајка Македонија“.
Сакајте си ја државата, само заедно можеме да ја издигнеме на повисоко ниво. Со работа и со секојневно докажување. Не со себичност, саможивост и полтронство.
Александар Ристевски