Секоја сериозна држава знае дека правдата има цена. Но Македонија, со децении, плаќаше висока цена без да добие правда. Плативме со изгубена доверба, партизирани институции, политички диригирани обвиненија и судски одлуки што мирисаа на нарачана телефонска правда, а не на законска и уставна заснованост. И плативме со генерации млади правници кои научија дека успехот не зависи од знаење, туку од врски.
Сето тоа не се менува преку ноќ. Но последниве неколку години, првпат по долго време, се гледа нешто што претходно никогаш не беше ни започнато: сериозно расчистување со старото влијание и градење на систем каде правосудството, за првпат, добива шанса да биде свое, а не нечија сопственост.
Според CEPEJ (Commission européenne pour l’efficacité de la justice” односно Европска комисија за ефикасност на правосудството – тело при Советот на Европа) кое е најсигурниот и компаративно усогласен извор за буџетите на правосудството, Република Македонија во 2022 и 2023 година вложува од 0,37 до 0,39% од својот БДП во правосудството . Ова е далеку повеќе од европскиот просек (0,31% за 2022 година) или поединечно во проценти за истата година Германија 0,30%, Италија 0.31%, Холандија 0,26%, Шпанија 0,35–0,38%, Полска варира од 0,20-0,30%, а Франција, и покрај тоа што има големо и оптоварено судство, вложува релативно помал дел од БДП и тоа околу 0,19–0,20%.
Овие бројки со години беа аргумент дека „да, плаќаме многу, ама системот не функционира“. И тоа беше точно. Зашто и кога се менуваа владите, влијанието врз обвинителите и судиите не исчезнуваше, туку само преминуваше од едни политички центри на моќ кон други. Судството никогаш не беше независно. Тоа само ги менуваше сопствениците односно наредбодателите.
Разликата денес е што по првпат има реална, видлива намера овие досегашни аномалии да исчезнат од оваа област. Воведувањето на транспарентни правила за коефициенти, дигитализацијата на предметите, ревизиите на судовите и обидите да се исчистат најдолгите опашки од судски постапки се чекори кои претходните влади не ги направија, не затоа што не можеа, туку затоа што не сакаа. Новите коефициенти за пресметка на платите (од 2,43 до 3,21, во зависност од нивото на судот) го поставија системот на транспарентна основа. Во практика тоа значи плати во опсег од 100.000 до 135.000 денари, зависно од функцијата па се до околу 150.000 денари за претседателот на Врховниот суд. И во ред е. Тоа е цена што државата мора да ја плати ако сака судија кој нема да крене телефон на ничиј повик и нема да се повлече пред никакви притисоци, а притоа ќе постои и одговорност за несовесното работење. Независноста не е романтична идеја бидејќи таа се обезбедува со квалитетна работа и чесно заработена плата. Претходните влади ја користеа платата како средство за притисок: замрзнувања, селективни зголемувања, нејасни додатоци, па дури и административни уцени. Сега, барем во принцип, системот е поставен така што платата е резултат на закон, а не на политичка волја.
Да бидеме искрени: судството и обвинителството сè уште имаат сериозни проблеми од бавност, до недисциплина, до недостиг на одговорност. Тоа не се менува за една година, ниту за еден мандат. Но, од некаде конечно мора да се почне. А тоа мора да биде радикална промена на политичката матрица. Оваа власт мора јавно да ги отвори ревизиите на судовите кои со години беа „недопирливи“. Јавно да се објават извештаите кои покажуваат дека дел од судиите незаконски земале повисоки коефициенти, кој чив роднина е, колку имот имал кога дошол на функција, а колку кога си заминал и др. Обвинителството не смее и понатаму да служи како политичка алатка или како инстутуција за рекет кон одредени на ,,пик’’ земени бизнисмени.
Отпорот од „старите кадри“ кон овие мерки е огромен, но тој одамна е бајаги напукнат и прашање е на ден кога целосно ке се срони. Тоа е борба со систем кој три децении се градел како приватна мрежа, а не како државна институција.
Лесно е да се критикува правосудството и има многу за критикување. Но исто така е важно да се забележи дека тектонски промени не се случуваат кога власта има потреба од контрола врз судиите, туку кога има интерес да го врати системот на нозе.
Првпат по многу години, државата се движи во насока во која правдата нема да биде инструмент за политички пресметки, туку основа за функционална демократија. И тоа не е мала работа. Правдата навистина чини пари , но неправдата чини држава.
Судскиот совет одамна ја изгуби довербата кај претставниците на граѓаните во највисокиот законодавен дом. Тоа веќе не е став туку институционален факт. Совет кој треба да биде чувар на независноста на судството се претвори во симбол на сомнителни избори за судии, нетранспарентни одлуки и кадровски маневри што повеќе личат на затворена кастинска игра отколку на орган што ја гарантира правдата.
Слична е состојбата и со голем дел од обвинителство. И покрај драматичниот и институционален пад на довербата, одговорните луѓе во врвот на институцијата не само што не понесоа одговорност, туку продолжуваат да блокираат клучни процеси, да одолговлекуваат предмети и да го цементираат впечатокот дека обвинителството сè уште е последниот голем бастион на старите мрежи на влијание.
И тука мора да се постави наједноставното, а најтешко прашање:
Уште ли не си заминуваат? Уште ли мислат дека независноста се брани со фотелја, а не со квалитетна работа? Уште ли ќе ја спречуваат правдата, наместо да ја испорачуваат?
Една работа е кристално јасна: ниту еден правосуден систем не може да се обнови додека неговите врвни тела функционираат како политички штитови, а не како институции на одговорност. И колку и да вложува државата, колку и да се зголемуваат платите, колку и да се прават дигитализации, реформи и европски рамки ништо нема да значи додека кај врвот на правосудниот систем седат луѓе кои одамна ја изгубиле довербата, но не и волјата да останат таму каде што не треба да бидат.
За волја на вистината, јас не се сеќавам во последните 30 години да имавме министер за правда кој остави вистински позитивен белег во системот. Со чест на еден двајца сите останаи беа потпросечни по својот квалитет, а натпросечни во пасивизирањето, деформирањето и девалвирањето на правосудниот систем. И затоа оваа видлива намера за исзнување на аномалите во правосудството мора да биде реализирана брзо со нов министер кој има јасна визија и сопствен интегритет. Крајно време е да се стави крај на старите врски, да се расчисти со политичките влијанија и да се даде шанса на правосудството да биде навистина слободно. Време е за кривична и материјална одговорност на нечесните судии и обвинители.
Слободно судство не е привилегија, туку основа за правна држава и функционална демократија и тоа време е токму сега. Сега или никогаш. На потег е Собранието и Владата
Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ