Корупцијата е сè присутна и една од најтешките болести на општеството, во која можатда бидат вклучени државни и политички функционери, приватниот сектор и обичните граѓани. Се работи за една од најголемите пречки за економскиот развој и која го разорува институционалниот интегритет на државата. Во Република Македонија, корупцијата не е само индивидуален морален неуспех, туку системски проблем кој влијае врз економијата, правдата и квалитетот на живот.
Сите сме свесни дека корупцијата создава повеќеслојни проблеми во општеството, почнувајќи од намалување на довербата во институциите, намалување на странските инвестиции, намалување на економскиот раст па се до зголемување на нееднаквоста каде богатите и моќните стануваат уште побогати, а сите останати посиромашни. Чинот на корупција најчесто се одвива на неколку начини: Прво, подмитување – директно или индиректно плаќање за одредена противуслуга во форма на пари, подароци, услуги или вработувања. Второ, проневера на јавни средства – ненаменско или нелегално трошење на државни, општински и јавни фондови. Масовна појава е финансирање на проекти со астрономски суми без соодветна контрола. Трето, клиентелизам и непотизам – политичките партии често наградуваат поединци, групи или членови на семејствата за изборна поддршка или блиски врски со незаконски доделени тендери, разни привилегии или профитабилни вработувања. На пример, јавноста досега многу пати беше сведок на вработувања на роднини на високи функционери во јавните институции без соодветни квалификации, додека млади и квалификувани кадри се принудени да ја напуштат државата. Четврто, судир на интереси – поединци во државната администрација ја злоупотребуваат својата позиција за лични цели и интерси. Ова се случува кога функционер ќе обезбеди договори за компании во кои тој или неговото семејство имаат финансиски интерес. Петто, политичка корупција – злоупотреба на моќта за одржување или зголемување на политичкото влијание, како што е местење на избори, нелегално финансирање на кампањи на политички партии или носење закони во корист на одредени бизнис-елити кои создаваат затворен круг на неказнивост и злоупотреба и др.
Трагедијата во Кочани откри една голема јавна тајна. Сериозни системски пропусти поврзани со корупцијата која се случувала со години наназад. Митото и корупцијата го метастазирале целиот систем до последната негова фаза на опстојување. Истрагата најверојатно ќе поврди дека корупцијата се случувала на сите ниво од локално до министерско, корупција и неодговорност речиси кај сите институции кои биле надлежни да овозможат, но и да го контролираат нормалното и законско функционирање на овој објект.
Веднаш по трагедијата Владата на Република Македонија презеде низа мерки кои укажуваат на постоење воља, нужност и сериозност во борбата против корупцијата и злоупотребата на службените позиции. Сите кои се вклучени во трагичниот настан и свесно придонеле за загрозување на човечките животи ќе бидат изведени пред правосудните органи и ќе одговараат. Пораката беше јасна: “Никој не е над законот. Не смее да постои селективност и селективна правда”.
Ресетирањето на системот ќе бара комплексен пристап со заедничка работа на државата, граѓанското општество и медиумите. Но, ова е долг пат кој нема да биде лесно и брзо да се премине, а успехот зависи од конкретни и одржливи политички и институционални реформи. Македонија не може преку ноќ да стане Сингапур, Данска или Шведска во борбата против митото и корупцијата. Потребни се итни длабоки структурни реформи, кои вклучуваат пред се политичка волја, реформирање на институциите и културолошка промена во јавната свест. Се работи за конкретни и доследни чекори за зајакнување на независноста на судството и обвинителството поточно нивна деполитизација и департизација, развој на инфраструктурата за транспарентност, создавање на систем на наградување на чесноста и заслугите, промена на изборниот систем. Иако можеби е амбициозна заложбата да работиме на создавање на култ за совесно и одговорно работење, но тоа не значи дека се работи за невозможен потфат. Санкциите за рушветџиите мора да бидат високи, а граѓаните и службениците кои пријавуваат корупција мора да бидат заштитени од одмазда и др.
На крајот би сакал да укажам дека е потребна итна целосна промена на вредносниот систем, каде што нема да биде нормално да се успева преку врски и коруптивни зделки, туку преку знаење, труд и чесност. Македонскиот пат ќе биде тежок, но доколку во наредните десетина година целосно се посветиме на овој најголем проблем и се создаде ефикасен систем на контрола и одговорност, ќе има простор за значајни подобрувања и успех на сите полиња.
Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ