Во секоја парламентарна демократија постои едно едноставно правило: оној што го добива мандатот ја составува Владата. Тоа не е прашање на договор, ниту на моментална политичка волја, туку на уставен поредок. Кога Билал Касами јавно најавува можни смени на министри, тој всушност не отвора кадровско прашање туку институционално. Бидејќи реконструкцијата на Владата не започнува со телевизиско интервју или брифинг на новинари од страна на лидер на помал коалициски партнер, туку со формален предлог до мандатарот, по претходно донесена одлука за реконструкција од негова страна.
Коалициите се политичка реалност. Тие подразбираат договори, компромиси и распределба на одговорности. Но коалицијата не ја брише хиерархијата. Мал партнер може да има влијание, но не може да ја преземе улогата на оној што го носи мандатот.
Јавното лицитирање со имиња не е знак на сила. Тоа е обид за политичко позиционирање. Можеби Билал Касами испраќа порака до своето членство, но истовремено заборава дека испраќа порака и до јавноста. Тој исто така заборава дека институционалниот ред и формалноста не смеат да се користат како арена за медиумско надвикување или обид за колиционо надитрување. Политичката зрелост не се мери со тоа колку гласно се бара промена, туку колку доследно се почитува воспоставениот систем. Ако постои незадоволство од работата на одреден министер, постојат механизми. Постојат процедури. Постојат канали за разговор. Сè друго претставува медиумска игра за видливост и притисок, а не институционална одлука
Граѓаните не гласале за политичка сцена на демонстрација на лични амбиции. Тие избрале пратеници кои треба да го почитуваат системот што функционира. А системот функционира само кога секој ја знае својата улога и не ја надминува. Во демократијата амбицијата е дозволена. Но таа мора да биде ограничена од институциите. Кога личната или политичката желба за влијание почнува јавно да го тестира авторитетот на мандатарот, веќе не станува прашање кој ќе биде сменет, туку дали уставните одредби, врз основа на кои функционираат институциите, се почитуваат или безочно се газат.
Редот не е формалност, Тој е темелот на институциите и на довербата во државата.
Проф д-р Јове КЕКЕНОВСКИ