Колумни

Држава со изместени приоритети

Вие, драг мој народе, будно следете што се случува и памтете си. Април и мај со двете гласања ќе бидат своевиден референдум. Тогаш самите ќе си ја одредиме судбината.

Држава со изместени приоритети

Постојана е дебатата на темата дали има превработеност со јавните и државните органи и институции. Фактот е еден: Нема како бројка превработеност, туку има погрешна распределба на работни места. Негде фалат луѓе и не може да се функционира, на други места има луѓе кои не прават ништо. Тоа е маката!

Пред некој ден излезе анализа за покриеноста во државата со екипи во брзата помош. Фалат над 50 екипи за да се исполни законскиот минимум. Само во Скопје фалат околу дваесет екипи. Слично е и со пожарникарите. Веќе никој не се пријавува за професионален војник во армијата. Самиот министер за здравство кажа дека неколку стотини доктори и сестри се „договорци“ со години, без решенија за вработување на неопределено.

Властодршците си тераат по свое. Ги „товат“ институциите со роднини, пријатели и партиски кадри, на позиции кои се непотребни. Си одат во пензија стручни лица, влегуваат општи административни работници. Во јавните претпријатија има повеќе канцелариски работници, отколку мајстори. Еве како примери: Живо ме интересира што работат луѓето во Македонски железници Транспорт, кога возовите не возат? Што ќе работат во Македонски пошти доколку поштари нема и писмата не стигаат? Како се обезбедуваат средства за функционирање? Што доколку нема шофери во ЈСП, или мајстори во Топлификација? Фарсата оди до таму што основното функционирање на државата е закочено од негативна селекција. Се трошат ресурсите кои се малку, за непродуктивни вработувања.

Паниката е таа, избори се ближат, а и тие кои со години ги лажеле, пукнат им е филмот. Неспособните властодршци, со еден куп афери зад себе и скандали, со фиктивен пи ар и слава на социјалните мрежи, очигледно немаат ниту капацитет, ниту емоционална интелигенција да сфатат дека се битни до моментот додека ги имаат функциите, и дека од дента кога ќе бидат сменети, започнува нивната „Голгота“ за покривање на задникот за сите прекршоци и криминали кои ги правеле. Дека од тој ден, познати во јавноста ќе бидат само преку скандалите кои ќе им се објавуваат и влечењето по судови и обвинителства.

Малку се луѓето кои чесно и посветено работат. Многу малку се таквите кои гледаат да ги подобрат институциите, да ги мотивираат вработените, да примат подобри, по успешни, по решителни, лица кои среќни доаѓаат и со одат од работа. Повеќето се медиокритети со дипломи и звања, полни со комплекси и фрустрации од детството и младоста, сметајќи дека ова се нивните пет минути и да наплатат и да се докажат и покажат пред јавноста. Се уништија институциите  со раководители и директори кои доаѓаат вон институциите или вон фелата. Ќе дојдат, ќе направат попара, ќе си отидат и никому ништо. Ќе ги нарушат меѓу човечките односи, ќе примат еден куп непотребен кадар, ќе ги задолжат институциите, ќе ги исфрлат од колосек, и единствено нешто што ќе им се случи е разрешување.

Одговорност мора да има. Ја завршуваме 2023 година, како година полна со скандали, со корупција, со неразрешени случаи, а многу и воопшто и не отворени како предмети. Од понеделник е 2024 година. Само дваесетина дена за еден куп огласи, конкурси, ујдурми и што ли уште не, а ќе видиме наскоро. Со самата техника Влада се замрзнува се, освен тековните трошења. Пола од тие денови ќе бидат со затворен трезор, па ќе видиме што се некој ќе се обиде да пројде.

Вие, драг мој народе, будно следете што се случува и памтете си. Април и мај со двете гласања ќе бидат своевиден референдум. Тогаш самите ќе си ја одредиме судбината.

 

Александар Ристевски

To top