Колумни

Blacklist

Ова со „Црните листи“ мора да е почеток. Ајде да видиме до каде истите би оделе. Досегашните листи народот ги сфати како хајка против тогашната опозиција, и кон етничките Македонци.  Кога немаме оперативен „таск форс“ и наш Рејмонд Ворингтон, тогаш барем нацијата да е во тек, па да зе знае дека сите оние дестабилизираат, кријат и стимулираат црни бизниси, проневери и криминал многу да се стават макар и на суд на јавноста, но и да се замрзнат сметки таму каде треба, или ограничи политичко делување, учество до тендери на државата, и слично.

Blacklist

Одлична американска серија во која црните листи се креираа и решаваа на малку поинаков начин. Да се надеваме дека нашите Црни листи имаат и поента и ефект.

Шала настрана! Секако дека имаат. Кога држава како САД ќе те стави на црна листа е некаков знак, и како што велат и од самата американска амбасада, и самата актуелна амбасадорка, доказите и податоците ги има и се видливи. Дека чим тие без директен пристап во самите постапки и документи ова го увиделе, дека институциите многу лесно можат, доколку сакаат и се решителни, се да покажат и докажат.

Во самата Blacklist специјална група (task force) издвоена од ФБИ и дел ЦИА, заедно со озлогласениот Рејмонд Ворингтон ги „решаваа“ сите закани за стабилноста на СА, но и светот пошироко.

Ние се обидовме со институција како СЈО, ама истата повеќе личеше како алатка за Заев да  стигне до власт или да води хајки, и за да одредени ликови се нафатираат со пари или лечат комплекси. Сигурен сум дека и во таа маса народ таму имало чесни и посветени ликови, идеалисти, но како и се што ќе започне кај нас, завршува неславно.

Не се сложувам со зборовите на Заев дека ни треба камшикар, но дефинитивно ни треба поддршка и охрабрување за да одредени процеси се реализираат и за да барем се приближиме до завршница. Кај нас тоа е најголемата мака. Се стигнува до некое ниво и се заташкува, запир, заглавува, и токму затоа многумина се осилени дека може да прават што сакаат.

Предизборното менување на законот каде се намалија и роковите и казните за службените проневери, покажа дека не одиме напред туку назад. Ни фалат цврсти контролни механизми, ни фали автоматска одговорност при откриена проневера или поголем пропуст во работењето, и строго дефиниран начин на водење постапки и плаќања. Во многу сфери има сива зона, пред се она „стоки и услуги“, но и тендери со еден понудувач или единствен критериум најниска цена, без оглед на другите аспекти, или пак фирми ново формирани наменски за тендерирање.

Ќе го земам само надзорот за автопатите, фирма која правела гаќи во некаков конзорциум, победува светски фирми од САД и Франција, со многу поголема цена. А надзорот е токму оној кој во основа секогаш треба да  е одговорен за тоа дали изведувачот се испорачал според тендерот. Доколку видиме низ годините многу од градбите, ќе сфатиме дека токму кај надзорот е дупката, и аминување на испорачување на неквалитет.

Ова со „Црните листи“ мора да е почеток. Ајде да видиме до каде истите би оделе. Досегашните листи народот ги сфати како хајка против тогашната опозиција, и кон етничките Македонци.  Кога немаме оперативен „таск форс“ и наш Рејмонд Ворингтон, тогаш барем нацијата да е во тек, па да зе знае дека сите оние дестабилизираат, кријат и стимулираат црни бизниси, проневери и криминал многу да се стават макар и на суд на јавноста, но и да се замрзнат сметки таму каде треба, или ограничи политичко делување, учество до тендери на државата, и слично.

Сепак, и судството и обвинителството ја има главната улога. Ќе мора прво да го заштитат обичниот народ, а не политиката и крупниот капитал. Затоа што токму малиот човек, оној обичниот граѓанин, кој работи за платичка, му треба надеж дека нема да го колат лихвари, банки, извршители, дека нема да е дискриминиран етнички, верски, родово, сексуално, партиски, дека нема да го прогонуваат и малтретираат за глупости.

Искрено се надевам дека последнава објава на амбасадата на САД ќе биде поука и за нив самите. Дека мора да ја тргнат од себе перцепцијата на народот дека бранат некого, без оглед на глупостите кои ги правеле. Доколку се одважат ова да продолжи и на листата стават уште неколку очигледни имиња, наклоноста на народот и јавноста ќе биде на нивна страна.

А, околу евро интегративниот процес, и тоа САД треба да го сфати: македонскиот народ на евро бирократите не им верува. Тоа е! Цели 200 години искуство и традиција. Македонија никогаш не била во нивните планови и желби за да постои, така да секое ветување до сега било лага. Македонецот според некои вредности но и етнички може само во ЕУ да се обедини, ама ова што ни се нуди, не фала. Плус лажат и дека ќе не примат! Никакви ветришта нема дека тоа ќе се случи брзо, а кога ќе биде, ќе биде топтан за сите, во пакет.

Така да, чекаме следни имиња, со голем тањир пуканки во рацете!

 

Александар Ристевски

To top