Ова што се случува изминатиот период во Контрола на летање (М НАВ) го достигна дното. Тоа е институција која од секогаш будела интерес на политичките елити, не за друго туку поради (за македонски стандард) енормно високите. Истите не се од буџет, туку се од средства добиени преку „Еуроконтрол“ поради прелети над Македонија, и севкупно стандардизирање на мрежата и квалитетот во работењето.
Кога ќе видите дека таму стручно лице дури и со средна стручна спрема кое работи директно на полетување и слетување авиони зема над 2500 евра плата, ќе сфатите зошто хиени кои се на власт претендираат токму кон такви позиции. Со оглед на високите плати таму, севкупно, можете да претпоставите дека таму дури и чистачката е подобро платена од некои директорски места во обична институција од јавниот сектор.
Колумнава ја започнав на 5 јануари, и еве ја влечкам до денес. Живо ме интересираше до каде ќе се тера работата, дали целосно ќе има расчистување на проблемите и дали ќе има пропратни глупости на кои се навикнати. Иако премиерот Ковачевски навести дека ќе има целосен ресет на директори, управен, надзорен, сепак се тргнаа само еден Албанец и еден Македонец, онака рамковно. Не земајќи во предвид кој се е инволвиран во проблемите, конкурсите, злоупотребите, и се она што ја мачи оваа институција.
Се надевам дека јавноста и медиумите ќе му удрат сеир на Илир Мехмеди исто како што тоа беше случај со Оливер Андонов дека е министер еден ден. Мехмеди беше директор сат два. Се надевам дека и оваа Влада, но и секоја следна, конечно ќе сфати дека кога се бараат кандидати се вели „дајте некој кој ги исполнува условите“ а не „дајте некој од нашите“. Не зборуваме за била каква институција, туку за „Контрола на летање“, на целиот авио сообраќај во државата. Се обидуваат да остават впечаток дека се совесни и одговорни, а повторно сплетките ги прави помалиот брат во власта, оној кој 20 години пали гаси од сенка. Очигледно дека полека доаѓа времето за одмарање и за пензија за многумина, па истото се манифестира или со лижење и полтронство кон оние за кои мислат дека ќе ги наследат, или со агресија и простотилук.
Ковачевски денес негира дека Мехмеди воопшто бил избран, но и потенцираше нешто многу битно. Дека не е проблем само партиските кадри, туку и фамилијарните лози, и форсирање системски од внатре да се форсираат семејни кланови. Тука ќе се сложам. Но тоа само докажува дека немаме системски заштитни механизми, дека системот е корумпиран од долу до горе, а вината е секогаш на носителите на високите државни позиции и на парламентот. Тие се тие кои носат одлуки и закони. Системски ресет ни треба за да нема злоупотреби. Ни семејни, ни партиски, ни етнички, ни клановски. Едноставно, секој треба да се докаже и покаже, да конкурира, и да може да објасни и потврди зошто е подобар од неговата конкуренција. Работникот треба да е стручен и компетентен, а не подобен, додека раководителот, директорот, министерот треба да е човек со личен дигнитет, менаџерски способности и да има сродни и квалификувани знаење во областа. На крајот на краиштата, работникот треба да покаже продуктивност, а раководните кадри резултати научни, финансиски, менаџерски. Едноставно да биде видлив напредокот. Се друго е фарса.
Клановско/партиската поделеност изминатиов период го гледаме како никогаш до сега. А Шарените велеа „нема правда, нема мир“. Ниту правда видовме, дури стана полошо, а истите ко за чудо се смирија. За жал, од таа тогашна структура, останаа вечните, на кои им е време да одмараат во периодот кој следи. Доста беше глупирање. Со вакви процеси, систематизации и злоупотреби, напред нема.
За крај, што да се каже освен како што би рекол оден мој пријател „Ноу мор дуинг бизнис“, јер „неке птице, никад не полете“!