Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар доби нов тренер, откако Горан Петрески ја наследи клупата од Горазд Мијхајлов.
По преземањето на тренерската палка, Петрески го имаше првото интервју за клупскиот сајт. Тој ги сподели своите очекувања со Вардар за тековната сезона.
„Чувството е одлично. Ова е мој клуб, тука минав десет години како играч и уште толку како тренер во младинските категории. Таму успеав да освојам и неколку трофеи. Ова е еден од најголемите клубови не само во Македонија туку и пошироко. Горд сум за довербата што ја добив. Момците можат многу подобро, ќе работиме секојдневно. Сега почнавме да работиме според мојата филозофија. Сакам офанзивен фудбал, а се надевам за брзо време ќе го покажеме тоа на терен.
Тие што ме познаваат, како човек скеогаш целам кон првото место. Нормално дека по лоши години доаѓаат нови ветрови и нови луѓе кои вложуваат во клубот и сакаат да го вратат на врвот. Се надевам дека ќе можеме да се бориме за излез во Европа, тоа ќе ни биде огромен успех“, изјави новиот тренер на Вардар.
Освен за очекувањата, Петрески се осврна и на претходното коло и дербито со Пелистер, како и она што следи, а тоа е уште едно дерби против Шкупи.
„Околу мечот со Пелистер, тоа беше неверојатна атмосфера. Повеќе ја посакувавме победата и на крајот храброста се исплатеше. Сега ни следи Шкупи. Горе долу ги следам сите екипи сезонава и мислам дека првенството ќе биде за сите тешко. Екипите се подновени, нема изразен фаворит или аутсајдер. Мислам дека против Шкупи ќе биде тежок натпревар. Сега тие бараат излез од кризата, но ние си ја гледаме својата тактика и визија. Не признаваме ништо освен победа. Имаме неколку повредени првотимци, ама јас не сакам да барам алиби“, заврши Петрески.