Ракомет По 25 години

Златко Мојсоски ја заврши ракометната кариера

Сигурен е дека ќе остане во Струга да му помогне на клубот да го одржува својот континуитет.

Златко Мојсоски ја заврши ракометната кариера

 По повеќе од 25 години ракометна кариера, стружанецот Златко Мојсоски одлучи да заврши со активно играње ракомет.

Кариерата, како што вели, ја почна и ја заврши во својот роден град, каде го одигра првиот натпревар на 14 години.

-Размислував да одиграм уште една сезона за ракометниот клуб Струга, но, организмот сам му кажува на секој спортист кога е доста. Не сакав да форсирам ништо, едноставно сега е вистинското време затоа што годините си го направија своето, изјави Мојсоски за МИА.

За него, нагласи, невозможно е да издвои клуб во кој ги поминал најубавите моменти во кариерата, затоа што, како што рече, секој клуб му донел искуство, успеси и пријателства кои што траат и ден денес. Сигурен е дека ќе остане во Струга да му помогне на клубот да го одржува својот континуитет.

-Навистина не можам да издвојам еден клуб, секој ми донесе посебно искуство во играчка и во финансиска смисла. Многу спортски радости на победи, но и тага кога имало порази. Она што е најважно во овој момент е тоа што стекнав пријатели за цел живот. Завршив со играчката кариера, но не завршив со РК Струга, ќе останам да му помогнам на мојот матичен клуб во секоја можна смисла, истакна Мојсоски.

Покрај во РК Струга, Мосјоски во својата кариера бил дел од ракометните клубови Пелистер, Тиквеш, Вардар, Металург, Прилеп, Работнички, Еурофарм Работник, Бутел…, а зад себе има настапи и во македонската репрезентација на Европски и Светски првенства.  (МИА)

To top