Најновата книга есеи на Румена Бужаровска „Господ, па Америка“ добива босанско издание објавено од страна на издавачот „Buybook“ од Сараево. Промоција на книгата ќе се одржи денеска во дворот на босанскиот издавач. Промотори ќе бидат Матеј Вребац и Шејла Џиндо.
Преводот од есеите на босански јазик е дело на Сенада Кресо, а книгата е дел од едицијата уредена од Семездин Мехмединовиќ.
-Напишана духовито и жестоко, оваа американа им припаѓа на најдобрите од својот вид, во духот на есеите на Џоан Дидион, но во својот опис на културните и политичките аномалии на денешната Америка, Бужаровска го задржува отрезнувачкиот и непоткупливиот поглед на набљудување отстрана, оној македонскиот или балканскиот, ослободен од сите илузии на денешниот свет, соопшти уредникот на едицијата.
Како што соопштија од издавачката куќа „Три“, „Господ, па Америка“ оригинално е напишана од авторката на англиски јазик, од коешто издание е направен и овој превод. Есеите постапно беа објавувани на српски јазик на „Велике приче“, а во јули книгата го доби и своето второ издание на македонски јазик.
Овој превод е уште еден од големиот број меѓународни изданија на книгите на Румена Бужаровска, која е една од најпреведуваните и најуспешни македонски авторки на светската книжевна сцена. (МИА)