Калин Ивановски ја продолжи серијата победи и утрово во мечот од првото коло на Челинџер 75 турнирот во Јокохама го совлада Зизу Бергс од Белгија со 2:1, по сетови 6:1, 5:7 и 6:2 за 2 часа и 10 минути игра.
Победата на Ивановски е многу вредна ако се знае дека Бергс е на 152. место на АТП листата и на овој турнир дојде како победник на Челинџерот во Друмондвил, што значи дека е во добра форма.
Македонскиот тенисер имаше еден ас повеќе (5:4), но за одбележување е и тоа дека немаше ниту една двојна сервис грешка (0:4). Исто така направи пет брејка од 10 можности, додека Бергс имаше 2 од 9 што значи дека Ивановски успеал да спаси седум брејк топки.
Во второто коло Ивановски ќе игра против шестиот носител Лука Нарди од Италија (20 год., 118 АТП ранг), кој во првото коло го совлада Јун Сеонг Чунг „среќен губитник“ од Јужна Кореја. Почетокот на мечот е утре во 02:30 часот по македонско време (10:30 по локално време).