Свет Блискиот Исток

Јорданскиот министер за надворешни работи во посета на Иран по убиството на Ханија

Јордан исто така тогаш дозволи американските и израелските авиони да го користат јорданскиот воздушен простор за пресретнување на иранските дронови.

Јорданскиот министер за надворешни работи во посета на Иран по убиството на Ханија

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска отпатува во посета на Иран, каде ќе разговара со иранските официјални лица за ситуацијата на Блискиот Исток по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран, јавија иранските државни медиуми.

Посетата на Сафади на Иран следи по континуирани дипломатски контакти на САД и нивните партнери во текот на вчерашниот ден, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Италија и Египет, со цел да се спречи понатамошна регионална ескалација.

Хамас и Иран го обвинија Израел дека го уби Ханија во средата во Техеран и најавија дека ќе возвратат. Израел не ја презеде одговорноста за нападот, ниту негираше.

Тројца неименувани американски и израелски функционери изјавија дека очекуваат Иран да го нападне Израел уште утре, пренесе американскиот портал „Аксиос”.

Американските официјални лица рекоа дека очекуваат иранската одмазда да биде од поголем обем од нападот на Иран на Израел на 13 април и дека може да ја вклучи и либанската милитантна група Хезболах.

Лидерите на Иран и Хезболах изјавија дека ќе возвратат за убиствата на главниот воен командант на групата, Фуад Шукр, и политичкиот лидер на палестинската милитантна група Хамас, Исмаил Ханија, за кои го обвинуваат Израел.

Американскиот генерал задолжен за американските сили на Блискиот Исток, Мајкл Курила, пристигна вчера во регионот додека продолжуваат подготовките за можен напад на Израел од Иран како одмазда за убиствата на Шукр и Ханија, изјавија двајца американски функционери.

Патувањето на Курила во регионот беше планирано пред неодамнешната ескалација меѓу Израел, Иран и Хезболах, но се очекува дека ќе ја искористи посетата за да се обиде да ја мобилизира истата меѓународна и регионална коалиција која го бранеше Израел од нападите на Иран на 13 април, рече американски официјален претставник.

Според истиот извор, се очекува Курила да посети неколку земји од Заливот, Јордан и Израел. Функционерот рече дека Јордан ќе биде клучна станица за време на посетата на Курила, бидејќи Јорданците одиграа значајна улога за време на нападот на Иран на Израел на 13 април, пресретнувајќи ирански беспилотни летала кои влегоа на територијата на Јордан и кои беа насочени кон Израел.

Јордан исто така тогаш дозволи американските и израелските авиони да го користат јорданскиот воздушен простор за пресретнување на иранските дронови.

„САД се надеваат дека истото ќе се повтори ако биде потребно”, рече официјалниот претставник.

Пентагон во петокот соопшти дека САД ги засилуваат своите сили на Блискиот Исток во подготовка за можен ирански напад на Израел и испраќаат уште воени бродови и борбени авиони во регионот.

To top