Тренингот на учесниците на мешаната трка во триатлон, кој беше планиран за сабота и недела, е откажан поради безбедноста на учесниците, соопштија организаторите на Олимписките игри во Париз.
Според тие изјави, обилните врнежи од дожд кои го зафатија главниот град на Франција на 31 јули и 1 август го нарушиле квалитетот на водата во Сена и поради тоа на олимпијците немало да им биде дозволено да влезат во реката.
-Очекуваме ситуацијата да се разреши до понеделник за кога е закажана трката, а дотогаш ќе ја следиме ситуацијата од минута во минута, велат организаторите.
Француските медиуми потсетуваат дека властите во оваа земја потрошиле повеќе од 1,5 милијарди долари во последните десет години за чистење на водата во Сена, но обилниот дожд создаде нов проблем.
Инаку, за време на траењето на овие Игри веќе имаше проблеми со квалитетот на водата во Сена, поради што машката трка во овој спорт мораше да се одложи за еден ден, а во неа триумфираше Британецот Алекси Ји. (МИА)