Колумни

Системското уништување на државата најмногу се чувствува во кризни моменти

Како одредена структура владеела можете да почувствувате најконкретно во случаи на криза или елементарна непогода.

Системското уништување на државата најмногу се чувствува во кризни моменти

Пожарите кои се распламнаа веднаш по промената на власта (интересно, и покрај високите температури, вистинска коинциденција, нели?) потврдија дека државата изминатите години се водела катастрофално, и дека биле во континуитет занемарувани еден куп потреби. Останавме на канадерите (хидро авиони) кои се купија пред скоро 15 години. Ем ги чувале расипани, ем денес нема кој да ги лета. Пилотите заминале во пензија. Не обучиле, не примиле нови.

Имаме недостаток на пожарникарски станици и пунктови, недостаток на пожарникарски возила, ни фалат и огромен број вработувања на пожарникари. За истите мора да се обезбеди квалитетна опрема, но и да им се дадат плати кои би ги мотивирале, а и би поттикнале други млади да го работат истото. Во цело владеење на СДСМ и ДУИ остана запаметена само скалата која ја купи Шилегов. Добро е што барем и тоа се направи, иако едно време беше дискутабилна постапката.

Македонски шуми (по ново Национални м.з.) немаа со месеци плати. Имаат еден куп вработени, а шумари и дрвосечачи, се помалку. Немале гориво за возилата, ја уништиле институцијата. Драстично е намален бројот на спасувачи на вода, кои порано беа преку летото ангажирани преку Црвениот крст и општините. Добар дел денес работат во странство.

Со временскиве непогоди имаше големи штети не преносниот систем на електричната мрежа. Се помалку искусен кадар. Најголемот дел се над 50 години или пред пензија.

Слично е со одржувањето на телефонската мрежа, оптиката и кабловската инфраструктура. Стручни луѓе фалат, а пак слабо се платени. Јавните претпријатија, па и приватнита акционерски друштва, се уште сметаат дека теренците се најдолу во хиерархијата, додека во канцелариите имаат еден куп непотребни преплатени ликови.

Нема водоводџии, нема плочкари, армирачи, работници со гипс картон, машинобравари. Во Железницата е слично. Немаа функционална локомотива. Се смени власта, се мобилизираа, оправија една за почеток. Видов фоторафија, скоро се се лица на залез на работниот однос.

Нема доктори и медицински персонал. Масовно се селат во странство. Нема ред во политиката за стручно усовршување и специјализација. Се е желботека. Нема гинеколози, педијатри, алерголози, пулмолози… а и да ги има сите се настегани во Скопје или поголемите градови. После се чудите зошто народ ги напушта селата и помалите градови.

Едноставно! Во местото на живеење не може да ги добие основните услуги.

Власта која замина не успеја да заврши ниту еден запонат здравствен објект. Место нова централна зграда во Клинички, добивме паркинг со наплата. Болницата во Кичево се гради над 20 години. Искрено, јас би ја срушил и изградил од ново. Штипската клиничка болница е закочена цели 7 години. Место да се зајакнат болниците по некои градови, тие денес функционираат на ниво на диспанзери. Жално. Замислете да живеете во Крива Паланка, мало влоѓување на здравјето, ви велат одете во Куманово. Кога сте веќе таму, можете да продолжите и до Скопје. Замислете како му е на некој од Ресен, Крушево, Дебар, Берово, Пробиштип, Демир Капија, Македонски Брод. Треба постојано да имаат некој со кола на располагање.

И меѓуградскиот превоз е тиња. Неквалитетен , небезбеден, нередовен, скап. Одредени градови дури и немаат редовна линија за Скопје, а не дај боже да сакаш без претовар од истокот на одиш за Битола, или Охрид, Тетово, Кичево, и во обратен правец. Невозможно!

Возовите ги снема. Добро е, новата структура вети дека ќе ги врати, полека, полека, па дури и ќе се искористи пругата за градски воз во Скопје. Да се надеваме дека тоа ќе биде брзо, и дека ќе се анимираат и кадри.

Луѓе, го допревме дното! Школувавме еден куп сега веќе средновечни ликови со гимназија, а добар дел од нив потоа наштанцаа еден куп дипломи, од државни, но многу повеќе приватни универзитети, со кои не знаат да прават ништо. Луѓе кои изградија високо мислење за себе и амбиција дека не треба да работат, а некој да ги плаќа. Задушена е државата со луѓе по канцеларии за кои не можете да дадете објаснување за нивната позиција, а единствена квалификација им е фамилијарната, партиската или етничката, за жал. Таквите пак, се нај незадоволни, и имаат амбиција да растат и погоре во хиерархијата.

Рибата смрди секогаш од главата. Проблемот е секогаш во врвот кој ги носи одлуките. За жал, ние имавме и предводник на државата продавач на лубеници, кој велеше дека рибата смрди од опашката. Така да, се‘ може да пројде. Истиот велеше дека треба за да пловиме да го фрлиме сидрото, иако истото се фрла кога стоиш. Го помешал со едрата. Се случува! Се‘ ни е тоа за памет.

Мора државата да ја водат луѓе со визија, родољуби, со искрени намери. Мора да направиме нешто што ќе остане зад нас, нешто по што ќе не паметат. Да вложуваме во инфраструктура, но и во стручен кадар и во луѓе кои работат на терен, луѓе кои за целото општество ќе направат додадена вредност.

To top