На девизните пазари во вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути бележи остар пад. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,80 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 104,26 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 158,50 на 155,40 јени, што е најниско ниво во последните шест седмици. Ваквиот остар пад на курсот на доларот е резултат, според трговците, на новите интервенции на јапонските монетарни власти за да се запре слабеењето на јенот.
Американската валута, исто така, ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0940 долари, додека вчера во истото време беше 1,0925 долари. Во фокусот на инвеститорите денеска ќе бидат средбите на челниците на Европската централна банка (ECB). Не се очекува дополнително намалување на каматните стапки.
Цените на нафтата, пак, пораснаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,42 отсто, на 85,45 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,65 отсто, на 83,40 долари.
Откако вчера достигна рекордно високо ниво од 2.478 долари за унца, цената на златото утринава се движи околу 2.460 долари.