Селекторот на англиската фудбалска репрезентација Герет Саутгејт си заминува по осум години, 102 натпревари и 61 победа, но и две загубени финалиња на ЕП и тоа во серија.
„Откако Англија во 1966 го освои Светското првенство, па сè до Светското првенство во Русија во 2018, кое беше прво големо натпреварување за Герет, Англија победи на само седум нокаут-натпревари. Во своите осум години како селектор, Герет победи на повеќе натпревари на големите натпреварувања отколку сите селектори заедно во претходните 50 години. Бевме во финалето на европските првенства во Лондон и Берлин. Пред Герет, Англија само пет месеци беше во топ-5 репрезентациите во светот. За време на неговиот мандат веќе шест години сме таму. Герет невозможното го направи возможно и постави темели за нови успеси. Горди сме за сè што направи и секогаш ќе му бидеме благодарни. Што се однесува до новиот селектор, има многу шпекулации, но нема да коментирам сè додека не донесеме конечна одлука“, изјави извршниот директор на ФА, Марк Булингам.