Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи концерт на аматерскиот женски хор „Фрида“, со почеток во 20:30 часот во Музеј на македонската борба. Диригент и уметнички раководител на хорот е Сузана Турунџиева.
Како што информираат од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, на програмата на концертот ќе бидат изведени светски хитови „Light of Life“, „Dance Me to the End of Love“, „Islands in the Stream“, „Sway“, како и обработка на македонски безвременски хитови „Свири ми свири“, „Еден бакнеж“, „Роза сина“, „Бакни ме нежно“, „Галебе мој тажен“, „Есенска роза“ и други.
Во времетраење на целовечерниот концерт, на тема „ФРИДА КАЛО – уметност која непрестајно инспирира и мотивира“ ќе биде поставен изложбен штанд со рачни изработки, изработени од хористките и од Сузана Турунџиева, кои на самиот настан ќе се продаваат. Средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети на некоја „Фрида од нашето секојдневие која се соочува со здравствени предизвици“, а и се потребни за лекување.
Аматерски женски хор „Фрида“ е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот го сочинуваат околу 60 хористки аматери, со големо хорско искуство. Нивниот ентузијазам, талент, креативност, посветеност и желба за групно музицирање е причина повеќе хорот да постави високи цели и предизвици кои за релативно кратко време од неговото формирање им обезбедија настапи на повеќе манифестации од јавен карактер. Тука би ги издвоиле: Новогодишниот целовечерен концерт „Фрида – БЕСМРТНА“, Концерт по повод денот на виното и љубовта, насловен како „Viva la vida, viva la musica“, Осмомартовски концерт, насловен како „ФРИДА КАЛО – неисцрпна инспирација“, Хуманитарниот настан по повод 21 март – ден на лицата со Даунов синдром „Хуманоста на дело 2024“, а во план се и уште неколку планирани настани на културните лета низ нашата земја.
На репертоарот на а.ж.х. ФРИДА се наоѓаат: преработки на светски хитови од 60ти, 70ти, 80ти години, македонски евергрини, обработки на стари македонски песни, како и неколку госпел композиции. Во хорот, низ процесот на работа, се издвојува и една мала група на солисти, кои постепено и скромно, се охрабруваат да го покажат својот талент.