Скршените столпчиња на булеварот „Водњанска“ и една недела по сообраќајката во која автомобил се заби во нив, останаа да сведочат за несреќата.
Никој од надлежните градски претпријатија не излезе на терен да ги замени и постави нови, со што дополнително се нарушува безбедноста на овој булевар, како за возилата, така и за многубројните пешаци кои секојдневно минуваат од тука.
Последната, во низата многу несреќи, токму на овој дел од булеварот повторно го отвора прашањето за решавање на проблемот со таканаречената спорна куќа поради која „Водњанска“ во овој дел се стеснува.
Големиот број несреќи на овој дел од булеварот, како и близината на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, но и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот треба да бидат појдовната точка за решавањето на овој случај.
Курир, по последната несреќа, стапи во контакт со сопствениците на куќата. Тие кусо ни одговорија дека се заинтересирани за решавање на овој повеќегодишен проблем, но и дека многупати досега се обратиле до Град Скопје. Иако немаат никаков одговор, се надеваат дека наскоро некој ќе се заложи да се реши ова прашање.