На Волстрит во средата повторно пораснаа цените на акциите на технолошките компании, па S&P 500 достигна ново рекордно ниво, како и индексот Nasdaq, додека инвеститорите го чекаат извештајот за инфлацијата во САД.
Индексот Dow Jones зајакна 1,09 отсто, на 39.721 поени, додека S&P 500 порасна за 1,02 отсто, на 5.633 поени, а Nasdaq индексот за 1,18 отсто, на 18.647 поени.
Така, Nasdaq достигна рекордно ниво седми ден а S&P 500 шести ден по ред. Тоа главно се должи на порастот на цените на акциите на технолошките гиганти, како „Nvidia“ и „Apple“.
Позитивно на пазарот влијаеше и извештајот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел до Конгресот, во кој наведе дека податоците за инфлацијата се подобруваат, но дека е потребен натамошен напредок во однос на намалувањето на инфлацијата. Иако нагласи дека неговите изјави не испраќаат никакви сигнали за идните потези на централната банка, сепак на пазарот се зајакнаа шпекулациите дека Fed ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.
Но дали има простор за тоа ќе се види наредните денови. Подоцна во четвртокот ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени а во петок за цените на производителите во јуни. Во петок започнува и сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите и банките.
Бидејќи растот на берзанските индекси од почетокот на годината главно се заснова на скокот на цените на акциите на неколку од најголемите технолошки компании, аналитичарите предупредуваат на можна корекција на цените доколку деловните резултати не го оправдаат толку силен раст на цените на акциите на овие компании.
Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека заработката по акција на компаниите од индексот S&P 500 пораснала во просек за 10,1 отсто во вториот квартал, по растот од 8,2 отсто во претходниот квартал.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,66 отсто, на 8.193 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,94 отсто, на 18.407 поени, а париски CAC за 0,86 отсто, на 7.573 поени.