Кралицата на срцата, како што ја нарекуваа, денеска ќе го прославеше својот 63 роденден, да не загинеше во сообраќајна несреќа во Париз.
Дајана беше член на британското кралско семејство, прва сопруга на сегашниот крал Чарлс и мајка на принцовите Вилијам и Хари. Родена е на 1 јули 1961 година во Сандрингем, село северно од Норфолк. Таа беше четврто дете на Џон Спенсер и Френсис Спенсер.
Како го запознала принцот
Дајана првпат го запознала Чарлс, принцот од Велс, кога имала 16 години, односно во ноември 1977 година. Врската меѓу Дајана и Чарлс станала посериозна кога тој ја поканил на патување со јахта во градот Каус.
Чарлс ја запросил во 1981 година, Дајана се согласила, но тие ја чуваа свршувачката скриена од јавноста во следните две недели.
Кога се свршила со принцот Чарлс во 1981 година, работела како помошничка на воспитувачка во градинка. Истата година се омажи за Чарлс и стана најпопуларниот член на британското кралско семејство. Нивната венчавка се одржа во катедралата Св. Павла, а повеќе од 750 милиони луѓе ја следеа церемонијата на малите екрани.
Како принцеза од Велс, Дајана презеде одредени кралски должности во име на кралицата и ја претставуваше на функции низ Комонвелтот. Таа стана позната во медиумите по нејзиниот неконвенционален пристап кон хуманитарната работа. Во осумдесеттите и деведесетите, Дајана, принцезата од Велс, беше најпопуларната и најфотографираната жена во светот.
По разводот, таа стана уште попопуларна
За време на бракот со Чарлс, Дајана родила два сина, Вилијам и Хари. Принцот и принцезата се разделија на почетокот на 90-тите, а по бројните афери и медиумски скандали во 1996 година, тие и официјално се разведоа. Но, тоа не влијаеше на популарноста на Дајана. Од моментот кога се раздели од принцот до нејзината смрт, нејзината популарност само растеше.
На 31 август 1997 година во парискиот тунел Pont de l’Alma се случи сообраќајна несреќа во која животот го загуби британската принцеза сакана на многумина. Принцезата од Велс седела на задното седиште во луксузниот мерцедес, кој удрил во потпорен столб од тунелот, а во несреќата загинал и нејзиниот љубовник Доди Ал-Фајед.
Дури и 27 години по нејзината смрт, Дајана е неверојатно популарна. Речиси не поминува ден без напис за неа да се појави во британските медиуми, а нејзиниот имиџ продолжува да се појавува на сувенири и постери за време на кралските настани.