На територија на државава активни се пожарите кај селото Доброшинци во општина Василево каде гори нискостеблеста шума и вегетација и над населбата Варош во општина Прилеп каде гори ниска вегетација.
Од Центарот за управување со кризи соопштија дека во Доброшинци екипи на противпожарната единица од Струмица го догаснуваат пожарот.
– Доколку во текот на денот има потреба од дополнителни сили ќе се бара помош од ТППЕ Радовиш и воздухопловна поддршка од хеликоптер – велат од ЦУК.
Во текот на изминатиот ден во интервенцијата учествуваа пожарникарите од ТППЕ Струмица со четири возила и 20 пожарникари, ТППЕ Радовиш со пет пожарникари и две возила и околу 25 полицајци, а беа активирани и двата хеликоптера на МВР.
Активен е и пожарот зад населбата Варош во општина Прилеп каде гори ниска вегетација. Активен е крак што се движи во насока на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (манастирот „Траскавец“) кој се гаси во утринските часови и не претставува опасност за населените места. Пожарот почнал од пожар на патничко моторно возило.
Утрово, градоначалникот на Прилеп побарал од ЦУК да се обезбеди воздухопловна поддршка на пожарникарите.
Во текот на изминатиот ден интервенирале 15 пожарникари со пет возила и една цистерна од ЈП „Комуналец“ Прилеп, кои пред полноќ биле повлечени од терен.
Во последното деноноќие целосно се изгаснати шест пожари на отворено.