Наполи објави дека грузискиот репрезентативец, Квича Кварацхелија (23) не е на продажба. „Во врска со изјавите на агентот на Кварацхелија, Мамука Џугели и таткото на Квича, Бадри, Наполи потсетува дека договорот на играчот со клубот трае уште три години.
Кварацхелија не се продава. Иднината на играч со договор со Наполи не ја одредуваат агентите или татковците, туку клубот. Крај на приказната“, се вели во соопштението на клубот.
Неговиот менаџер Мамука Џугели вчера најави заминување на Квича од Неапол.
– Наполи има големи планови со новиот тренер Антонио Конте. Сигурен сум дека следната сезона повторно ќе се квалификува за Лигата на шампиони и ќе се бори за „скудетото“. Но, тоа не значи дека Кварацхелија сака да остане таму.
Нашата цел е тим кој игра во Лигата на шампиони. Најлошото е што ако остане тука, ќе загуби една година поради тоа. Загрижени сме, изјави Џугели за „Спорт Имеди“.
На ова се надоврза и таткото на играчот, Бадри кој рече дека не сака неговиот син да остане во Наполи.
– Минатата сезона работеше со четири различни тренери. Тоа многу ме загрижува. Но се’ уште не сме разговарале за тоа и нема да зборуваме се’ додека трае Европското првенство, рече тој.
Минатата сезона Кварацхелија постигна 11 гола на 45 меча и имаше девет асистенции. Тој пристигна во Наполи пред две години, од Динамо Батуми за 13,3 милиони евра.