По минатата недела кога во попладневните часови беше изразено променливото и нестабилно време со повремени поројни врнежи од дожд, агрометеоролозите препорачуваат, доколку временските услови дозволуваат земјоделците да продолжат со сите активности и агротехнички мерки.
Житните култури во овој период, велат, имаат сосема доволно влага и се во добра сотојба да ја завршат вегетацијата. Есенската пченица во зависнот од локацијата каде е посеана, е во фаза на млечна зрелост, како и есенскиот јачмен кој е во понапредна фаза, а има и почеток на восочна зрелост.
-Почнува последната фаза од животниот циклус на житата – зрелост, кога се случуваат поголеми квалитативни промени, пред се, во зрното. Овошките во овој период се во интензивен раст, се препорачува да се продолжи со нивна прихрана и третирање против болести и штетници. Кај виновата лоза може да се почне со отстранување на страничните ластари (филизи) во почетокот на нивниот раст. Се препорачува нивно отстранување над гроздовите, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.
Тие потсетуваат дека ова е и период на интензивно расадување на тутунот, како и на градинарски култури на отворено.