Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ја очекуваат два тест натпревари во јунскиот циклус. Младинците одат на две гостувања, кај Полјаците кои се голем фаворит, како и кај Босна и Херцеговина.
Во пресрет на натпреварите и патувањето, своите очекувања ги изнесе селекторот Драги Канатларовски.
„Според однапред утврдените термини, планот и распоредот за натпревари во оваа пауза ќе искористиме шанса да добијат нови фудбалери. Покрај тоа, постарите во тимот треба да го потврдат својот статус во тимот. Оваа е генерација на заминување, има право да игра уште четири официјални натпревари. Има потенцијал и квалитет, а дел од играчите поседуваат квалитет и потенцијал за брзо сериозно да тропнат на вратите на А-репрезентацијата. Тоа впрочем е и нашата основна цел. Има освежувања во фудбалери кои се помлади, од генерацијата 2005 кои играа елитни квалификации. Добија шанса да бидат тука, да видат како е и да се подготват за иднината. Сигурно е дека овие тестови се добри, да се види моменталната форма на играчите и тимот во целина.
Полска е една категорија погоре од нас, па ќе биде вистински тест за силите. Од друга страна Босна и Херцеговина е репрезентација која дава и ќе дава млади квалитетни фудбалери. Ова е убава контрола и можност да се испитаат нашите сили. Очекувам добра претстава бидејќи кога и да играш за репрезентацијата, постои мотив да се одигра најдобро“, изјави Канатларовски.