Колку пати сте се сетиле на некоја песна, но не сте можеле да се сетите на нејзиното име и изведувач, па не сте можеле да ја побарате на „YouTube“ или другите апликации за стриминг? „Google“ веќе подолго време работи на решение за овој проблем, па така разви технологија која може да го препознае името на песната само врз основа на вашето потпевнување. Значи, сè што треба да направите е да ја пеете или само да ја потпевнете мелодијата на песната, а алгоритмот на „Google“ќе се обиде да ја пронајде оригиналната песна.
Во суштина тоа е еден вид „Shazam“, односно алатка за препознавање песни, но со многу поголеми можности. Зад оваа технологија, секако, стои вештачката интелигенција и таа се заснова на модели на машинско учење кои ја поврзуваат мелодијата што се пее со отпечатокот на песната, како што ја нарекоа во „Google“. Кога системот ќе го препознае вашето потпевнување, ќе ве однесе на „YouTube“ и ќе ви покаже видеа од песната.
Треба да се нагласи дека ова не е нова технологија бидејќи „Google“ ја разви уште пред неколку години, но на почетокот му требаа 10 до 15 секунди за да ја препознае песна. Со текот на времето, технологијата напредуваше, па минатата година оваа компанија се пофали како нивниот систем може да препознае песна врз основа на минимум три секунди потпевнување. Потоа објавија дека се работи за експеримент кој ќе им биде достапен на некои корисници на „Android“.
Неодамна објавија дека оваа функција доаѓа во апликацијата „YouTube Music“ за „Android“, а веќе е достапна за некои корисници на класичната апликација „YouTube“ на мобилниот оперативен систем на „Google“. За да го активирате, прво треба да отидете на опцијата за пребарување на „YouTube“ и да го притиснете микрофонот, по што во горниот дел од екранот ќе се отвори опцијата за гласовно пребарување.
Оваа технологија, како што видовме самите, не е совршена, но е доста точна и често ќе ги пронајде песните што ги барате, па може да ги воодушеви корисниците и да им помогне во моментите кога сакаат да слушнат песна на чие име не можат да се сетат.
Иако оваа опција е достапна на „Android“ или корисниците на мобилниот оперативен систем на „Google“ може да ја очекуваат наскоро, корисниците на „iPhone“ сè уште немаат таква опција.