Челинџерот во Скопје заврши со победа на Жоел Шварцлер во сингл, односно Рајан Сигерман и Патрик Трхач во игра на двојки.
Големите возбудувања започнаа со завршниот чин во дубл конкуренција, но Американците Сигерман и Трхач се погрижија да нема преголема неизвесност, бидејќи во два сета беа подобри од чешкиот двоец.
Американците славеа со 6:3 и 7:6 против Чесите Ендрју Полсон и Патрик Рикл во меч кој траеше еден час и 16 минути, а нешто слично видовме и во финалето во сингл конкуренција.
Жоел Шварцлер како далеку понадежен тенисер влезе во денешното финале и покажа дека има многу поголема глад за победа, па така доста лесно го совлада далеку поискусниот Камил Мајхчак од Полска.
Австриецот Шварцлер делуваше фуриозно и славеше со идентични 6:3 во двата сета, па на крајот сосема заслужено ја подигна титулата на челинџерот во Скопје кој се играше на терените „Југ“ во градскиот парк.