Разговорите за формирање на новата влада се уште траат. Се најавува дека наскоро би можело да биде објавено дека е постигнат конечен договор за влада. Медиумите веќе објавуваат неофицијални информации за поделбата на ресорите и за можниот нов претседател на Собрнаието. За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав, каде најмногу пратеници ќе има коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ ќе има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ ќе има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, а Левица и ЗНАМ по шест пратеници.
Тимчо Муцунски, кој е дел од работната група на ВМРО-ДПМНЕ за преговори за новата влада синоќа изјави дека блиску се до конечен договор со Вреди без да посочува детали.
-Местото на ДУИ е во опозиција тоа што го ветивме го реализираме. Блиску сме до договор со Вреди, не можам да кажувам детали, но извесно е дека сме блиску до конечен одговор, рече Муцунски.
Околку бројот на пратеници во Собранието, Муцунски кажа дека е извесно оти тие ќе имаат повеќе од 70 пратеници и дека постои можност владината коалиција да има и 80 пратеници, но оти во следниве денови ќе се види како ќе изгледа тоа.
Според него, можно е да се постигне и се работи на тоа да има и двотретинско мнозинство за клучни теми.
-Со Вреди, евентуално и со Знам има двотретинско мнозинство. Целта е да се изврши промена на Законот за организација и работа на органите за државна управа пред да се формира новата влада. Тоа беше едно од нашите ветувања, бидејќи со тоа ќе правиме модернизација во владата, а со тоа и искоренување на огромен број непотребни институции кои не покажале ефикасност и затоа мислам ќе постигнеме голем консензус, изјави Муцунски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија која нудела решенија кои треба да го направат процесот на интеграција во ЕУ предвидлив, напоменувајќи дека треба да постои и некоја сигурност.
-Остануваме и на ставот со одложена примена, и дека Бугарија треба да ги применува пресудите на Судот од Стразбур. Остануваме на позициите и со поддршка од стратешките партнери и нашиот сосед Бугарија мислам дека може дојде до реализација на нашата идеја, рече Муцунски.
Во врска со Преспанскиот договор, Муцунски кажа дека секоја страна треба да ги почитува обврските, и оти обврски има и Грција.
-Тоа што ние сме го кажале дека на ВМРО-ДПМНЕ не му се допаѓа Договорот од Преспа, дека е погрешен, понижувачки, останува, но истовремено не можеме да бегаме од уставната и правната реалност, која тој ја има создадено во нашата држава, кажа Муцунски.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, пак, изјави дека нема решено дали во идниот владин состав ќе биде министер. Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.
Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, Вреди и ВМРО-ДПМНЕ.
– Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.
Според него, она што вчера било најавено во повеќе медиуми е точно и како што рече, наскоро ќе има официјални резултати од преговорите.
-За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен, рече Таравари.
Амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија, Дејвид Гир од Тетово вчера порача дека демократските и мирни избори ќе резултираат со нова Влада, а тие како ЕУ сакаат да соработуваат со сите политички партии кои ќе ги одржуваат и унапредуваат евро-интегративните процеси на државата. Тој рече дека нема да ги коментира преговорите што се одвиваат за состав на нова Влада.
– Очигледно имаше демократски и мирни избори кои ќе резултираат со формирање на нова Влада. Ние во Европската Унија, се разбира, ќе сакаме да работиме со сите оние кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ и интеграцијата во ЕУ, спроведување на реформите и сите неопходни чекори кои би ја довеле земјата што е можно поскоро во ЕУ, истакна Дејвид Гир.
На новинарско прашањето дали тие разговараат со партиите и дали ќе се заложат за интеграција на земјата во ЕУ, Гир одговори дека се во комуникација со сите, но дека формирањето влада не припаѓа на ЕУ.
-Сега практично сите политички партии за време на изборната кампања поставија јасна агенда, про-ЕУ агенда и нивното верување дека ќе ја придвижат земјата напред кон Европската унија, истакна Дејвид Гир.
Конститутивната седница на Собранието е закажана за вторник, 28 мај. Со конститутивната седница до изборот на новиот претседател на Собранието, согласно новиот Деловник за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Од собраниската прес-служба информираа дека претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
Претседателот Митрески ги информирал присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на собранискиот претседател.
На состанокот присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. На состанокот присуствувале и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.