Култура

Излезе од печат најновиот број на „Стожер“ на ДПМ

Излезе од печат првиот број за оваа година на ревијата „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Еден од фокусите на овој број на ревијата – 152 се настаните во Друштвото од минатата година, за што во воведникот пишува главниот уредник Славчо Ковилоски.

Излезе од печат најновиот број на „Стожер“ на ДПМ

Излезе од печат првиот број за оваа година на ревијата „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Еден од фокусите на овој број на ревијата – 152 се настаните во Друштвото од минатата година, за што во воведникот пишува главниот уредник Славчо Ковилоски.

Со есеи и студии се застапени Горан Калоѓера, Димитар Пандев, Снежана Младеновска-Анѓелков, Валентина Миронска-Христовска, Марина Цветаноска, коишто се однесуваат на Кочо Рацин, на Свети Климент, на женското писмо, на Григор Прличев и воопшто на македонските работи во 19 век. Продолжение од минатиот број и крај наоѓаат студиите на Мишо Китаноски и Кристина Николовска посветени на историјата на ДПМ и на Венко Андоновски.

Како што информираат од ДПМ, со поетски прилози се застапени Ирена Павлова де Одорико, Зоран Јакимоски, Флора Села-Кастрати, Елена Пренџова, Лидија Размоска-Тримоска, Елизабета Баковска и Јовица Илиќ, со прозен текст Давор Стојановски, додека пак, со критички осврти Гордана Михаилова Бошнакоска, Ефтим Клетников, Васил Тоциновски и Стефан Марковски.

За издвојување се објавените ракописни белешки од предавањата на Димитар Митрев за надреализмот и симболизмот одржани пред првата генерација постдипломци на Филолошкиот факултет во Скопје во учебната 1973/74 година, запишани од Томислав Тодоровски. Исто така, факсимилно е објавена една песна во ракопис од Светлана Христова-Јоциќ.

-Ревијата „Стожер“ продолжува да излегува и понатаму, без разлика на сите случувања во ДПМ. Редакцијата ја сочинуваат: Славчо Ковилоски (главен уредник), Лилјана Пандева, Даниела Андоновска-Трајковска, Каљош Челику и Стефан Марковски (членови). Од 2023 година ревијата „Стожер“ со соодветни удк броеви e каталогизирана во системот COBISS, се вели во соопштението на Друштвото.

To top