Фудбал

АЕК му посвети емотивна објава на Тричковски

АЕК му посвети емотивна објава на Тричковски

Иван Тричковски е синоним за АЕК Ларнката повеќе од осум години, но како што стојат работите, полека се ближи крајот на ова убаво фудбалско патување за искусниот македонски голгетер.

Поранешниот репрезентативец добил известување од кипарскиот клуб дека нема да му биде продолжен договорот како активен фудбалер за наредната сезона, но од друга страна, понудена му е интерна функција како директор, за која самиот ќе треба да донесе одлука во догледно време. Тричко ги урна сите важни рекорди како прв голгетер на АЕК и важи за најголема клупска легенда, па поради тоа, клубот не штедеше комплименти во своето писмо кое го објави во јавноста.

– АЕК Ларнака соопштува дека на средбата меѓу управата и Иван Тричковски, фудбалерот беше информиран дека неговиот договор како играч на нашиот тим нема да биде обновен. Ова беше исклучително емотивна и тешка одлука за нашиот капитен и со истата се означува крај на неговото успешно фудбалско патување во нашиот тим.

– Тој дојде во Ларнака во јануари 2016 година и оттогаш се останато е историја, напишана со златни букви. Прв по настапи во нашата клупска историја со 295 по број, прв стрелец во сите натпреварувања со 147 голови, како и прв стрелец во Европа со 21 гол. Тој со нашиот тим го прослави освојувањето на Купот и Суперкупот, пласманот во групите од Лига Европа и неповторливиот пласман во осминафиналето на Конференциската лига на Европа. Ова се достигнувања кои не можат а да не го рангираат во самиот врв на клупската историја.

– Во ова патување од осум и пол години, тој беше почитуван од сите, вклучувајќи ги и навивачите на сите кипарски тимови. Се издвојува надвор од неговиот неоспорен квалитет како фудбалер и по неговиот одличен карактер. Вистински пример за секој млад фудбалер, за секој млад љубител на спортот. Целото семејство на АЕК уживаше додека го гледаше Тричко како пишува историја на терените на Кипар и Европа. Го почитуваме сето она што го постигна, а поради големиот придонес, би сакале тој да продолжи да биде елитен член на нашето посебно семејство. Поради оваа причина, веќе започнавме разговори тој да заземе функција во клубот, доколку тој самиот го сака тоа. Од друга страна, ние го задржуваме правото да продолжиме да го наградуваме на АЕК АРЕНА, пред луѓето кои толку многу го сакаа. Иван Тричковски ти благодариме за се, – гласи објавата на АЕК.

To top