Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ го распиша конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант. Конкурсот е распишан во соработка со „Јуроп Хаус“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Конкурсот ќе трае до 3 јуни, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата.
Како што соопштија од фестивалот, авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде државјанин на Република Северна Македонија. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот.
Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува жири-комисија од три члена, којашто најдоцна до 1 јули оваа година до Управниот одбор на СВП треба да достави единствен предлог за добитник на наградата. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 3 јули 2024 година.
Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на Фестивалот.
Добитникот на наградата ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга кон крајот на август оваа година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.
Поетската награда „Млада Струга“ е возобновена награда која што во минатото се избираше на Конкурс што го распишуваше Книжевната младина на Македонија.
Интегралниот текст на Конкурсот со критериумите и условите е на веб страницата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“.