Македонија ДИК

Затворени гласачките места

Гласачките места беа отворени во 7:00 часот. Право на глас на изборите за шеф на државата имаа 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.

Затворени гласачките места

Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија денеска можеа да гласаат на вториот круг од седмите претседателски и на 11-те парламентарни избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Гласачките места беа отворени во 7:00 часот. Право на глас на изборите за шеф на државата имаа 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.

Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од двајцата претседатлески кандидати Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кои освоија најмногу гласови во првиот круг на 24 април.

Во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, како што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.

На  eдинаесетите парламентарни избори, пак, право на глас имаа 1.815.350 избирачи. За парламентарните избори се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

Во Првата изборна единица има 313.183 гласачи, во Втората 321.087, во Третата 275.034, во Четвртата 278.721, во Петата 310.216 и во Шестата изборна единица 317.109 гласачи.

Избирачите можеа да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред седуманесетте листи на кандидатите за пратеници. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.

Одѕивот на претседателските избори до 17 часот, според дотогаш пристигнатите податоци во ДИК, изнесуваше 42,32 отсто, а на парламентарните 46,93.

Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без поголеми проблеми.

Вчера, ден пред изборите, гласаа иселениците, лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, немоќните и болните кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

За денешниот изборен ден акредитирани се вкупно 2246 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1303. Изборите ги следат и 860 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите акредитирани се 83 странски новинари. 

Најнови вести од Македонија

To top