Во делчевското село Киселица годинава се регистрирани најмал број гласачи за Парламентарните и вториот круг од Претседателските избори. Вкупно се евидентирани 11 лица кои можат да го остварат своето право на глас.
Сашко Ивановски, член на избирачкиот одбор составен од седуммина членови, вели дека на избирачкото место 0598 во село Киселица до 14 часот своето право на глас го оствариле тројца гласачи.
-Гласањето се одвива во најдобар ред, избирачкото место беше отворено навреме, немаме никакви проблеми досега. До 14 часот од вкупно 11 гласачи, овде гласаа 3 лица, вели Ивановски.
Гласањето се одвива во викендицата на Блаже Стојковски во таканареченото Голобрдско Маало, која е приспособена во гласачко место. Како што вели Стојковски, повеќето од гласачите во избирачкиот список фигурираат во село Киселица, но инаку со семејствата живеат во Делчево.
Од ОИК Делчево информираа дека во првиот круг во избирачкото место 0598 гласале половина од запишаните избирачи. Воедно информираа дека до 15 часот во Делчево гласале 5.547 избирачи или 38.28 отсто за претседател, како и 5.603 лица со право на глас или 38.52 проценти за Парламентарните избори.