Ракометниот клуб Алкалоид не успеа да дојде до бодови во вториот домашен меч во Европската лига на ЕХФ, во дуелот против дански РК Бјерингбро/Силкеборг (23:31).
Најдобар стрелец на натпреварот во редовите на македонскиот вицешампион беше Иван Џонов со седум гола, пред Мартин Серафимов со пет реализации, додека Марко Стојковиќ погоди трипати.
Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров на прес-конференцијата по мечот кажа дека се гледа неискуството кај неговите ракометари и не знае што е проблемот, дали влијае притисокот од домашната публика која ја пофали и дојде можеби во уште поголем број во однос на мечот со Војводина.
– Честитки до противникот, заслужено победи. Бјерингбро/Силкеборг е меѓу најдобрите три екипи во Данска. Малку сум разочаран, бидејќи втор меч по ред промашуваме пет пенали. Не е лесно да направиш пенал, тоа е квалитет во нашата игра, мораш да ја испратиш топката во противничката мрежа. Ривалот има поголемо искуство од нас, воедно нашиот проблем беше играта „шест на пет“ каде што изнудувавме исклучувања, имавме лоша реализација. Од 15 напади имавме само осум голови, тоа се седум нереализирани напади, и плус петте нереализирани седмерци, тоа е премногу за да победиш еден тим каков што е Силкеборг кој има големи амбиции. Ова е огромно искуство за нас, продолжуваме да работиме и треба да учиме што побрзо. Тоа е Европа, не е македонска лига, мислам дека ова ќе дојде како школа особено за помладите. Се надевам во иднина ќе покажеме поквалитетни натпревари особено на домашен терен – рече Лазаров.
Следен меч за РК Алкалоид ќе биде против РК Аеродром во домашната Суперлига, додека европските натпревари ќе ги продолжи следната седмица со гостување кај РК Бјерингбро/Силкеборг во Данска.
– Беше добар, тежок натпревар, се подготвувавме, знаевме дека нема да биде лесно. Имавме добар почеток на мечот, после работите на теренот отидоа во друг правец. Сите дојдовме да го дадеме максимумот, треба да продолжиме да тренираме за да бидеме на потребното ниво – рече ракометарот на Алкалоид, Марко Стојковиќ.