„ОТВОРЕНО ПИСМО ДО СИТЕ ЧЛЕНОВИ И ИСТОМИСЛЕНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА ВЛАСИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Јас Раде Настоски-Мазат од Струга еден од оснивачите на ДСВМ ве повикувам да се обединиме во една партија, а тоа е Партијата на Власите во Македонија.
Раководството на ДСВМ на чело со претседателот г-динот Николче Бабоски е нелегитимно и мандатот им е изминат повеќе од десет години. Од формирањето на партијата до денес немаат организирано конгрес за да поднесат извештај за нивното работење, програма за работа, финансиски извештај и да го презентираат договорот за коалицирање со СДСМ. Со тоа се прекршени одредбите од Законот за политички партии каде е наведено дека секој член на партијата има право да учествува во градење и остварување на политиките на партијата , право да избира и да биде избран во сите органи на партијата, право да биде редовно информиран за активностите на партијата и критички да се осврнува на нив, право да има пристап до информации на веб страницата на ДСВМ и право пред надлежните органи и во согласност со статутот да ги заштити своите права.
Со горенаведените дејствија, претседателот и раководството го злоупотребиле правото на членовите за свој личен интерес, што претставува класичен пример на корупција. За наведеното, пред нецела година ја известив и министерката за добро владеење г-ѓа Славица Грковска, ама до ден денешен немам одговор од нејзина страна, но има кој да памти.
Во врска со правата на Власите, кои согласно уставот на Р. Македонија ни се загарантирани, за жал немаме можност да уживаме во нив. За тоа писмено го известив претседателот на
ДСВМ и побарав пред Министерството за Образование да иницира отворање на катедра за влашки јазик, едукација на наставен кадар за влашки јазик како и во историските читанки поголема застапеност на историјата на власите. Но од негова страна во сиве години на власт не направи апсолутно ништо, иако основата на постоењето на партијата е унапредување на правата на Власите во Македонија.
Што се однесува до коалициониот партнер СДСМ од Струга, пред локалните избори, цела година се обидувавме и баравме писмено, и усмено средба со раководството на партијата но наидовме на арогантно, препотентно, игнорантно и дискриминирачко однесување, поради што одлучивме да ја раскинеме коалицијата на општинско ниво.
Иако не исмејуваа за неважни и ни монтираа квази членство, нашиот револт го увидоа кога мноштвото од влашката заедница од Струга гласаше за советничката листа на ВМРО ДПМНЕ во која иамше двајца преставници од нашата заедница, па СДСМ ги загуби изборите. Сега кога ја увидоа грешката носителот на листата г-дин Јован Митрески посредно побара средба со мене, но за тоа требаше да размислува многу порано. Треба да му биде јасно, и нему а и на сите останати чинители на политичкиот живот дека власите се мирен, културен и интелигентен народ кој си ја сака татковината но во никој случај нема да дозволи да биде маргинализиран и игнориран или не дај боже да биде купен на било кој начин.
Драги членови на партијата,
Поради работењето на претседателот и раководството исклучиво за личен интерес, запоставувајќи ги членовите и основните начела на партијата УШТЕ ЕДНАШ ВЕ ПОВИКУВАМ ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ВО ЕДНА ПАРТИЈА која ќе ги застапува интересите на Влашката заедница во Македонија а тоа е ПАРТИЈА НА ВЛАСИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА која е во коалиција ТВОЈА МАКЕДОНИЈА предводена од ВМРО ДПМНЕ
Посакувам фер и демократски избори и нека победи волјата на народот.
Раде Настоски-Мазат“, стои во неговиот пост на Фејсбук.