Денеска е Велики четврток, ден кога се фарбаат велигденските јајца. Сега се наоѓаме во средината на Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот.
Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. Се верува дека првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има волшебна моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.
Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.
Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.
По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата, уште додека биле во постела, им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено, бело, дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.