МЗТ Скопје Аеродром на 27 април (сабота) го игра првиот полуфинален дуел од АБА 2 лигата против Спартак Суботица од Србија (19.00 часот) на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“.
МЗТ уште еднаш ги повикува навивачите, како и во четвртфиналниот дуел, така и овојпат слободен ќе биде влезот за полуфиналниот меч со Спартак Суботица.
– Само со заеднички сили би можеле да дојдеме до посакуваното финале, а за што ни треба уште една во низа МВП партија на нашиот „шести играч“, за која не се сомневаме дека ќе се случи. В сабота сите патишта нека водат во „Јане Сандански“, а трибините нека бидат претесни да ги примат сите што сакаат да ни помогнат. Ако се случи тоа, тогаш уверени сме дека на крајот сите заедно ќе се радуваме – објавија од КК МЗТ Скопје Аеродром.