Излезе од печат поемата: „Се умира ли од премногу сакање?!“ од македонскиот писател Зоран Пејковски, посветена на Петре М. Андреевски и со која авторот ја одбележува 90 годишнината од раѓањето на Андреевски.
Поемата е составена од 25 пеења, таа е мелодраматична, а на последните неколку пеења се наѕира силуетата на Петре М. Андреевски кој како хиперчувствителен и осамен боем им се предава на чувствата и го брани своето право на слобода. Со поемата, Пејковски пишува омаж на Петре М. Андреевски и таа цел е остварена. Пофалбата е испишана како модерна химна. Тоа е тројна пофалба – на Петре М. Андреевски, на неговата имагинарна Дениција, на Македонија и на љубовта и почитта спрема тие три величини и вертикали на македонското поетско творештво, посочуваат рецензентите академик Катица Ќулавкова, Јордан Плевнеш и Владимир Илиевски.
Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Автор е на 22 драмски дела, 6 сценско-драмски рецитали, 21 збирки песни, 6 поеми, 1 роман, 1 препев, 4 научно-истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.