Денеска рано утрово од печатницата „Киро Дандаро” во Битола, во присуство на претседателот, потпретседателката и членовите на Државната изборна комисија (ДИК) се извршило примопредавање на доверливиот гласачки материјал од печатницата и започна неговата дистрибуција до 80 – те општински изборни комисии, потврдија за МИА од ДИК.
– Дистрибуцијата се одвива во 17 однапред определени рути. Организационо сме подготвени, по тој тек ќе се одвива дистрибуцијата и ќе се заврши во текот на денешниот ден, потенцираат од ДИК.
Во текот на утрешниот ден, информираат од ДИК, ќе се изврши и дистрибуција на уредите за биометриска идентификација.
Инаку, за претседателските избори отпечатени се вкупно 1.814.317 ливчиња, колку што се евидентирани гласачи во Избирачкиот список.