Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ игра во врвна форма во дресот на Уникс и е меѓу најсериозните кандидати за престижното МВП признание за најкорисен играч во ВТБ лигата оваа сезона.
Ова го потврди и генералната директорка на ВТБ лигата, Илона Корстин. Според неа прв фаворит за ова признание е токму нашиот плејмејкер.
„Се разбира, МВП наградата оди кај кошаркар од првопласираниот тим, тоа е правило. Сега Уникс е лидер и ако остане на тоа место, тогаш признанието сигурно ќе го освои Димитријевиќ.
Ненад има одлична сезона, постигнуваше по 30 и повеќе поени во дуелите со директните ривали и е лидер на тимот во најтешките моменти“, изјави Корстин.
Димитријевиќ минатата сезона беше прогласен за МВП на финалната серија.