Фудбал

Димитриевски: Да дадеме сè од себе за македонскиот народ

Димитриевски: Да дадеме сè од себе за македонскиот народ

Дуелот со Црна Гора го најави нашиот искусен голман Столе Димитриевски:

„Црна Гора е поквалитетна селекција од Молдавија. Овој дуел ќе биде посебен за мене, бидејќи моето деби во дресот на Македонија беше токму против Црна Гора. Сите знаеме дека нè чека потежок натпревар и затоа мораме да бидеме на повисоко ниво, особено во концентрацијата во последниот дел од натпреварот. Ни се случува да примаме голови во последните 15 минути и поради тоа да ја испуштиме победата. Тоа мора да го промениме доколку сакаме добри резултати во Лигата на нации.

Во последните шест години од мојата кариера немам примено така атрактивен гол. Секако дека не беше случајност, но сметам дека требаше подобро да реагираме. Затоа велам дека ни треба концентрација во финишот, за навремено да се затвораат сите налети на противникот“, рече Столе.

Столе даде коментар и за промената на генерацијата во нашиот национален состав.

„Фудбалот не чека никој, секаде има промена на генерации. Но, тоа не треба да биде алиби за нас. Сметам дека тие што ќе бидат избрани, без разлика дали некои не можат да играат поради повреди и слично, мора да го дадат максимумот од себе. Со таков пристап треба да одиграме во Лигата на нации за да стигнеме до посакуваното прво место, затоа што ние играме за Македонија, за нашиот народ. Најважно е македонскиот народ да ужива во нашите резултати и успеси“, рече нашиот репрезентативен голман.

To top