Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше во Џеда со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, за итната потреба да се прекинат непријателствата во Газа.
Бин Салман и Блинкен разговарале за „настаните во Појасот Газа и регионот, како и за напорите за запирање на воените операции“, објави Си-Ен-Ен, цитирајќи ги саудиските медиуми.
Тие разговарале и за безбедносната и хуманитарната состојба во регионот. Блинкен, кој е на турнеја низ Блискиот Исток, рече дека разговорите за прекин на огнот во Газа, за кој ослободувањето на заложниците што ги држеше Хамас е едно од клучните прашања, „се приближуваат“ до договор.
-Мислам дека разликите се намалуваат и договор е многу можен, рече Блинкен во Џеда, според транскриптот објавен од Стејт департментот.
Блинкен денеска ќе отпатува за Египет каде ќе се сретне со арапските лидери, а в петок ќе го посети Израел.