Легендата на македонскиот ракомет Филип Миркуловски ќе продолжи да биде дел од стручниот штаб на бундеслигашот Вецлар.
Германскиот клуб објави дека соработката со Миркуловски е продолжена и тој ќе биде асистент на тренерот Франк Карстенс и во наредната сезона.
Во редовите на Вецлар, Миркуловски пристигна во 2015 година од Хановер и тука ја заврши играчката кариера во 2022 година. Од 2020 година беше дел од стручниот штаб како играч-тренер, а на неколку меча го водеше тимот и како прв тренер.
„Во Вецлар се чувствувам одлично, тука сум девет години. Одлично е да се работи со Франк и имаме јасен договор кој што треба да прави. Моја задача повеќе е нападот и задоволен сум што во тој дел се подобривме оваа сезона“, изјави Миркуловски.