Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, согласно препораките на Комисијата за заразни болести по вчерашниот состанок, донесе одлука со што се дозволува прием и престој во детски градинки на територијата на државава, на деца кои по „catch-up“ календар ја комплетирале примовакцинацијата – три дози ДиТеПер вакцина, со задолжително примање на првата ревакцина шест месеци по примањето на последната – трета доза од примовакциналната серија, информираат попладнево од Министерството за здравство (МЗ).
Одлуката денеска стапува на сила, појаснуваат, а ќе се применува од понеделник.
Од МЗ додаваат и дека се стигнати ДиТеПер вакцините за возрасни, граѓаните можат да се вакцинираат во вакциналните пунктови.
– Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст, да ги вакцинираат своите деца, затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита. Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имунизираат своите деца, пишува во соопштението на Министерството.